Останато

Елена Пандева организира одбојкарски камп во Дојран: „Сакаме да создадеме победнички менталитет кај младите“

Сподели
Сподели



Македонската репрезентативка и една од најквалитетните македонски одбојкарки, Елена Пандева, ова лето ќе организира одбојкарски камп „Volleyball Camp by Elena Pandeva“, кој ќе се одржи од 12 до 17 јуни во хотел „Истатов“ во Нов Дојран.

Пандева, која зад себе има богато домашно и интернационално искуство, како и капитенска улога во репрезентацијата на Македонија, во разговор за Спортска Мрежа откри дека главната цел на кампот е развој на младите одбојкарски таленти, но и градење на вистински спортски вредности.

„Главната цел е да создадеме средина каде младите таленти не само што ќе ја усовршат својата техника, туку и ќе научат што навистина значи да се биде професионален спортист – од дисциплина и ментална сила, па сè до тимски дух. Сакаме да им го пренесеме она што не се учи секогаш на редовните тренинзи. Како некој што го поминал целиот пат од почетник во домашната лига до интернационална кариера и капитенска трака, идејата се роди природно. Честопати во кариерата сум си велела: „Ех, да имаше кој да ми го каже ова кога бев помлада“. Овој камп е мојот начин да им го скратам патот на лутање на младите таленти и да им го дадам тој „ветер во грб“. Кампот нема да биде само тренирање на терен. Програмата опфаќа: Специфични техничко-тактички тренинзи. Правилен физички развој. Едукативни предавања за спортска психологија, градење на карактер и лидерство на теренот, се разбира тука се и награди за најдобрите“, вели Елена Пандева за Спортска Мрежа.

Кампот ќе биде организиран како интензивно повеќедневно спортско искуство, а покрај тренинзите ќе има и едукативни сесии, дружење и дополнителни активности.



„Кампот ќе се одржи во хотел Истатов, Дојран од 12ти Јуни до 17ти Јуни и ќе е конципиран како интензивно и динамично повеќедневно искуство, каде секој ден е максимално исполнет со активности (од утрински тренинзи, до теоретски и едукативни сесии и забава на базен). Зад овој проект стои врвен, професионален тим. Покрај моето лично вклучување со целото мое стекнато искуство, во работата се вклучени докажани странски и домашни тренери. Секој од нив е внимателно избран затоа што ја дели истата визија: прецизна работа со младите и пренесување на вистинските спортски вредности“, дополнува Пандева.

Кампот ќе биде отворен и за девојчиња и за момчиња, а фокусот ќе биде ставен на младинските категории од 10 до 18 години.

„Кампот е отворен и за девојчиња и за момчиња. Фокусот е ставен на младинските категории од 10 до 18 години, односно на децата кои се во клучниот период за развој на нивната моторика, техника и спортски навики. Групите ќе бидат поделени соодветно на возраста и напредокот, со цел секое дете да го добие соодветното внимание индивидуално“, вели искусната одбојкарка.

Пандева потенцира дека покрај техничката подготовка, големо внимание ќе се посвети и на психолошкиот аспект во спортот.



„Во професионалниот спорт, разликата помеѓу просечен и врвен играч честопати е во деталите, односно во начинот на кој размислувате во клучните моменти, како се справувате со притисокот и како се позиционирате на теренот заедно со својата самодоверба. Моето интернационално и репрезентативно искуство, како и искуството како капитен, ми овозможија од прва рака да видам како функционираат најдобрите системи. Тоа знаење, спакувано и прилагодено за нивна возраст, е непроценливо. На кампот тие нема да добијат само техника, туку менторство за тоа како се гради победнички менталитет“, раскажува Пандева во разговор за Спортска Мрежа.

Таа смета дека македонската одбојка бележи позитивен развој, но дека е неопходно дополнително вложување во младите категории.

„Одбојката во Македонија дефинитивно бележи убав бран на популарност, особено со успесите на машката репрезентација на европските првенства и полните трибини кога се игра женската, што ги мотивира и девојчињата и момчињата сè повеќе да го избираат овој спорт. Но, за да го задржиме тој тренд и да изградиме континуитет, базата мора да биде силна. Не можеме да очекуваме силни репрезентации ако немаме силни младински погони и правилна едукација од најрана возраст. Токму затоа овој камп е важен дел од сложувалката. Ние сакаме да бидеме филтер кој ќе ги препознае, насочи и мотивира идните македонски одбојкарски ѕвезди. Со проширување на ова одбојкарско семејство и со подигнување на стандардите за тоа како се работи со младите, директно вложуваме во посветла и поконкурентна иднина за македонската одбојка“, завршува Пандева.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Кошарка

МЗТ Скопје на победа до титулата – Маџари загуби во „Јане Сандански“

Кошаркарите на МЗТ Скопје направија уште еден голем чекор кон новата шампионска титула, откако и вторпат во финалната серија славеа против Маџари, овојпат...

Прва лигаФудбал

ФФМ распредели над 9,4 милиони евра кон македонските клубови – Шкендија со најголем дел од средствата од УЕФА

Управниот одбор на ФФМ ја потврди распределбата на финансиски средства од УЕФА кон домашните клубови од Прва, Втора, Женска МФЛ и Прва футсал...

Поврзани написи
Останато

„Охрид Опен 2026“: Прв отворен турнир во спортско стрелаштво ќе се одржи во Охрид

Стрелачкиот клуб „Охрид“ официјално ги покани сите активни членови, рекреативци, пријатели и...

Останато

Четири медали за македонското таеквондо на престижниот турнир во Србија

Македонските таеквондисти имаа успешен настап на силниот меѓународен Астерикс Куп – Е3...

Останато

Лина Ѓорческа елиминирана во првата квалификациска рунда на Ролан Гарос

Лина Ѓорческа не успеа да ја мине првата квалификациска рунда на Ролан...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!