Македонскиот кик-бокс добива нова меѓународна потврда, откако младиот борец Мирко Василев ќе учествува на престижниот професионален камп во Варна, Бугарија, во организација на SENSHI.
Станува збор за камп на кој се собираат дел од најдобрите фајтери од Балканот и Европа, меѓу кои претставници од Бугарија, Германија, Грција, Шпанија, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Франција и Холандија. Кампот е наменет за сениори – професионалци во категориите од 70 до 85 килограми.
Дополнителна тежина на настанот му дава фактот што тренинзите ќе ги водат легенди на светскиот кик-бокс и K-1 Grand Prix сцената, како што се Семи Шилт, Ернесто Хуст, Алберт Краус, Сем Греко, Енди Саур и Николас Петас, кои ќе бидат во улога на инструктори и ментори.
Од клубот Адреналин истакнуваат дека се горди на Василев и дека неговото учество претставува значаен исчекор за развојот на кик-боксот во Радовиш.
Покрај ова, Адреналин продолжува со активностите и на натпреварувачки план. Клубот се подготвува за настап на Европскиот куп „Вараждин Опен“, кој ќе се одржи од 1 до 3 мај, каде Македонија ќе има свој претставник.
Во категоријата сениори, дисциплина „лоу-кик“ до 86 килограми, ќе настапи 18-годишниот Мите Крстев, актуелен државен првак, од кого се очекува достојно да ја претстави земјата на меѓународната сцена.