Ракометната репрезентација на Данска повторно потврди дека во моментов нема конкуренција на големата сцена, откако во финалето на Европското првенство во Хернинг убедливо ја совлада Германија со 34-27 и го освои златниот медал.
Со оваа победа, скандинавската селекција го комплетираше редок и историски подвиг – во своите витрини ги обедини олимписката, светската и европската титула, ставајќи печат на една од најдоминантните ери во историјата на ракометот. По златата од 2008 и 2012 година, Данска по пауза од 14 години повторно се искачи на европскиот трон, овојпат пред својата публика.
Финалниот натпревар понуди квалитетен и борбен ракомет, особено во првото полувреме, кога Германија не дозволи фаворитот лесно да се одлепи резултатски. Сепак, Данците на паузата заминаа со минимална, но значајна предност (18-16).
Клучниот момент се случи во вториот дел, кога тимот на Николaj Јакобсен го засили темпото, ја зацврсти одбраната и постепено почна да ја зголемува разликата. Германија накратко се врати во егал (19-19), но тоа беше последниот вистински отпор. Данска брзо ја презеде контролата и во завршницата без поголеми проблеми го приведе мечот кон сигурна победа.
Најефикасен во победничките редови беше Симон Питлик со осум погодоци, додека Матијас Гидсел, кој го заврши шампионатот како МВП и најдобар стрелец, додаде седум гола, исто колку и Јохан Хансен. Значаен придонес дадоа и голманите, кои во клучни моменти правеа разлика. Кај Германија, најрасположени беа Гргиќ, Кнор и Гола со по пет погодоци, но ниту нивниот отпор, ниту одличниот Волф на голот не беа доволни за сензација.
Данска на патот до титулата забележа седум победи, а единствениот пораз го претрпе во групната фаза од Португалија. Финалето во Хернинг уште еднаш покажа дека кога е најважно, оваа селекција знае да одигра најдобро – брзо, дисциплинирано и смртоносно ефикасно.