Ракометарите на РК Драчево Јуниор вчера официјално ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната во Првата ракометна лига. Со првиот тренинг беше означен стартот на зимските активности, а клубот влегува во продолжението на шампионатот со непроменети амбиции – борба до самиот крај за највисок пласман.
Во однос на ростерот, тимот во паузата претрпе неколку заминувања, но стручниот штаб доби и две нови имиња кои ќе бидат дел од екипата во пролетниот дел. Дополнително, во текот на оваа недела на тренинзите ќе се приклучат и уште неколку ракометари кои поради оправдани причини отсуствуваа од првата прозивка во средата.
Драчево Јуниор есенскиот дел од сезоната го заврши на третата позиција со освоени 20 бодови, четири помалку од лидерот Младост од Богданци, кој сепак има одиграно натпревар помалку. Со оглед на позицијата на табелата и амбициите на клубот, пролетниот дел ветува жестока трка за самиот врв во Првата ракометна лига.