Паузата во сениорската конкуренција во Првата и Втората лига – жени ја дочекаа само два тима со беспрекорен учинок: Наковски Волеј кај прволигашите и Фламинго Волеј во второлигашката конкуренција.
Освојувањето на Куп-титулата, првиот трофеј во клупската историја, за Наковски Волеј претставуваше круна на сезоната 2024/2025, но воедно и јасна најава за високите амбиции на струмичкиот состав. Тимот тоа го потврди со стабилните настапи и континуитетот низ девет кола, во кои не забележа ниту еден пораз. Единствениот „кикс“ дојде во дуелот со Пелистер Волеј, кога беше загубен бод, но не и натпревар. Одбојкарките на Наковски сега имаат доволно време за одмор и подготовка пред продолжението на битката за врвот.
Работнички Скопје ја заврши полусезоната на втората позиција на табелата со два порази, и двата против директните ривали во борбата за трофеите – Наковски Волеј и Јанта Волеј Кисела Вода.
Актуелниот шампион Јанта Волеј КВ скапо ја плати набиената агенда поради настапите на европска сцена. Учеството во ЦЕВ Лигата на шампионите, каде што беше успешен во првата рунда, а потоа и во ЦЕВ купот, остави трага во домашното првенство. Бранителот на титулата моментално се наоѓа на петтата позиција, но во вториот дел од сезоната фокусот ќе биде насочен исклучиво кон првенството, што најавува уште поинтересни и понеизвесни дуели.
Дебитантите Газели Волеј и Пелистер Волеј се покажаа како вистинско освежување во Првата женска лига. „Газелите“ се во топ-три, го изненадија шампионот и рамноправно им се спротивставија на фаворитите, додека Пелистер Волеј одигра најмногу натпревари во пет сета во полусезоната и, откако го плати данокот на неискуството, стигна и до значајни „тај-брејк“ победи.
Младост УГД, Струмица Жени и Вардар ЕМ исто така потврдија дека се незгодни ривали кои не смеат да бидат потценети. Против нив ниту еден бод не се освојува лесно, а секој противник мора максимално да се ангажира за позитивен резултат.
Учесникот на Ф4 во Купот 2025, Фит Фан Волеј, кој ја претставуваше Македонија и на меѓународната сцена во БВА купот, моментално е претпоследен на табелата со една победа, остварена службено против Ускана.
Првенството во Првата лига – жени продолжува на 24 јануари 2026 година со почетокот на вториот дел од сезоната. По комплетирањето на лигашкиот дел, првите осум екипи ќе настапат во четвртфиналето од плеј-офот, кое се игра во два добиени натпревари. Победниците ќе обезбедат пласман во полуфиналето и борба за шампионскиот пехар. Деветтопласираната екипа ќе игра бараж за опстанок со второпласираниот тим од Втората лига, додека последнопласираниот состав ќе се пресели во понизок ранг.
Во Втората лига – жени, Фламинго Волеј е единствениот тим со максимален ефект. Скопскиот состав успешно ги мина сите предизвици во првиот дел од сезоната, вклучувајќи ги и дерби-натпреварите со Вардар Жени и Форца Волеј ЕМА, кои заедно со Фламинго ја сочинуваат главната група кандидати за пласман во елитата.
Вториот дел од првенството во Втората лига – жени исто така започнува на 24 јануари 2026 година и ќе опфати уште 12 кола. По нивното одигрување, првопласираната екипа ќе обезбеди директен пласман во Првата лига – жени за сезоната 2026/27, додека второпласираниот тим ќе игра бараж против деветтопласираниот состав од Првата лига за место во најквалитетното друштво.