Еден од најперспективните млади македонски голмани, Антонио Столевски, ја започнува новата страница во својата кариера како член на Шкендија Арачиново.
По настапите за повеќе клубови во домашниот фудбал и значајните моменти во Втората лига, 23-годишниот прилепчанец зборува за новиот предизвик, патот што го измина, најдрагите победи, тешките порази и животот на еден голман во македонскиот фудбал.
Столевски го замени тимот на Слога од Виница со тимот на Шкендија од Арачиново, а низ својата кариера настапуваше за неколку екипи од Втората лига.
- По заминувањето од Слога Виница најави дека сакаш амбиција, конкуренција и проекти што носат резултати – дали тоа е Шкендија Арачиново?
Да. Шкендија Арачиново е клуб со јасна насока и конкретни цели. Од првиот разговор се почувствува сериозност и желба за напредок. Јас доаѓам во средина каде што се цени работата и одговорноста, а тоа за мене е најважно.
-
- Нов предизвик во твојата кариера – како беше времето во Слога Виница, како го помина времето без клуб, како одеше одржувањето на формата и што очекуваш во дресот на Шкендија Арачиново? Минатата зима пристигна во Виница да ѝ помогнеш на Слога да влезе во Втора лига, дали сега очекуваш влез во Прва лига со Шкендија Арачиново?
Во Слога Виница дојдов со јасна улога и мислам дека сите заедно дадовме максимум. Периодот без клуб го искористив за индивидуална работа и одржување на формата. Во Шкендија Арачиново очекувам стабилност, здрава конкуренција и борба за највисоките цели. Кога си дел од таков проект, нормално е да се размислува за повисок ранг.
- Низ својата кариера покрај за Слога Виница, настапуваше и за Победа, Кожуф, Караорман, Велешта, Брегалница – како дојде идејата да започнеш со фудбалот и зошто баш голман? Повеќе клубови имаш променето во кариерата, каде беше најдобро да се работи и кој тренер остава впечаток? Кој е најдобриот совет кој го имаш добиено од тренер?
Фудбалот беше природен избор, а голманската позиција одговара на мојот карактер – смиреност и одговорност.
Победа, Кожуф, Караорман, Велешта, Брегалница, Слога Виница – секој клуб остави трага и ме изгради како играч и човек. Најмногу напредував во средини каде што имаше дисциплина и доверба. Совет што секогаш го паметам: „Мирниот голман носи сигурност на целиот тим.“

- Дали триумфот над Куманово во дресот на Победа за опстанок во Втора лига е најдраг или можеби има друг триумф? Кој е поразот што те боли и ден-денес?
Победата против Куманово со Победа за опстанок во Втора лига ми останува како еден од најзначајните моменти.
Најтешки се поразите во кои си дал сè, но резултатот не бил во наша корист.
- Колку е тешко или пак лесно како голман во македонскиот фудбал да се докажеш и да направиш кариера која ќе те однесе и во странство? Кои се најтешките предизвици во мак-фудбалот лично за тебе како фудбалер?
Голманската позиција секогаш носи притисок. Во македонскиот фудбал шансите се ограничени, но со трпение, континуитет и сериозна работа може да се изгради стабилна кариера. Најважна е менталната стабилност.
- Колку време, труд, енергија, желба и жртва бара спортот за успех? Што те исполнува најмногу, што правиш во слободно време, која е твојата рутина пред натпревар? Што ти дава енергија, сила и мотивација на тренинг и на натпревар?

Спортот бара дисциплина и посветеност секој ден. Во слободно време се трудам да се одморам и да поминувам време со блиските. Пред натпревар сакам мир и концентрација. Ме мотивира чувството на одговорност кон тимот и желбата секогаш да бидам сигурен меѓу стативите.
- Одбранет пенал и пораз на твојот тим или примен гол од пенал, но триумф на твојот тим?
Победа – тимот секогаш е пред поединецот.
- Како ги читаш ударите од белата точка? Дали учиш напамет удари од белата точка со одредена анализа?
Анализа, искуство и чувство во моментот.
- Кој твој соиграч бил најгласен во соблекувална?
Филип Петковски.
- Кој твој соиграч бил најтивок во соблекувална?
Иван Настевски.
- Дали си добил понуда која за тебе била потценувачка?
Се случувало, но тоа е дел од кариерата.
- Прв голман на второлигаш кој цели кон Прва лига или втор голман на прволигаш кој се бори за опстанок во Прва лига?
Прв голман – одговорноста е важна за напредок.
-
- Омилен голман? Омилен тим?
Мајк Мањан – стабилен, модерен и лидер. Ливерпул – клуб со јасен идентитет и традиција.
- Дали и, доколку да, колку црвени картони си добил во досегашната кариера и која била причината?
Неколку, најчесто поради емоции и борбеност.
- Твоето мото?
Мирна глава, сигурни раце.