На култното отворено игралиште „Горан Попоски Бабец“ во Струга, од 13 до 16 август ќе се одржи 53. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир, еден од најстарите и најпрестижни во Европа.
Оваа година на турнирот ќе учествуваат шест екипи – четири од Македонија и две странски. Домашната чест ќе ја бранат домаќинот РК Струга, заедно со ГРК Тиквеш, РК Бутел Скопје и големиот ривал на стружани – ГРК Охрид. Меѓународниот карактер на турнирот ќе го збогатат учесниците од Турција и Србија – екипите на Бурса и Раднички Крагујевац.
Организаторите веќе ги одредија и групите. Во Група А ќе се натпреваруваат Струга, ГРК Охрид и турската Бурса, додека во Група Б ќе играат Бутел Скопје, ГРК Тиквеш и српскиот Раднички Крагујевац.
Струшкиот турнир традиционално претставува увертира во новата ракометна сезона и служи како одлична подготовка за домашните и странските екипи. Очекувањата се за возбудливи дуели и полни трибини на игралиштето покрај брегот на Охридското Езеро, каде ракометната магија живее повеќе од пет децении.