Ракометниот клуб Астибо од Штип сериозно се засилува за новата сезона откако ги претстави новите имиња кои ќе го носат дресот на клубот. Со свежа енергија, искуство и квалитет, новите ракометарки ќе бидат клучен дел од тимот кој има јасна цел – високи резултати и борба за врвот.
Клементина Ѓурческа – бек од Скопје со богато искуство во екипите на Металург и Куманово, ќе донесе стабилност и цврстина во средниот ред. Мила Филипова – уште еден бек, која пристигнува од ЖРК Шампион и важи за технички поткована и борбена ракометарка. Марија Бојковска – пивот од Скопје, исто така доаѓа од Шампион и ќе биде значаен адут во офанзивата. Ангела Петровска – крилна ракометарка со одлична брзина и преглед на играта, исто така пристигнува од Шампион.
Клубот потврди и продолжување на договорот со Елена Димова, една од најстабилните ракометарки во составот, што претставува дополнителен импулс за тимот.
Исто така, Марија Анчева, најдобриот стрелец на Астибо и една од најконстантните ракометарки во македонската Суперлига изминативе сезони, како најдобар стрелец во лигата ќе остане во клубот и ќе биде носител на играта и во претстојниот шампионат.
Како што веќе објави Спортска Мрежа екипата на Астибо на голманската позиција се засили со искусната Кристина Младеновска Кузманоска, која доаѓа од редовите на ЖРК Овче Поле СУ, како и младата и талентирана голманка Хани Чобанова која потекнува од школата на Металург, а останува и Ана Насева, која продолжува да го брани голот на Астибо.
Новата сезона во женскиот ракомет носи и значајна структурна промена – покрај Суперлигата, од оваа година ќе функционира и нова Прва лига, што е дополнителен сигнал за развој и зголемена конкурентност во женскиот ракомет.
Астибо со овие потези јасно ја покажува својата намера – создавање конкурентен и амбициозен тим кој ќе се бори за највисок пласман.