Новиот член на Втората македонска фудбалска лига, Големо Коњари, доби нов предводник. Како што ексклузивно дознава Спортска Мрежа, клубот од прилепското село го ангажира Јовица Блажевски како шеф на стручниот штаб за сезоната 2025/2026.
Блажевски, кој претходно беше селектор на македонската женска репрезентација до 15 години, ќе го преземе водството со јасна мисија — опстанок во лигата во дебитантската сезона на Големо Коњари во второлигашкото друштво.
Новиот стратег веќе ја презентирал програмата и планот за подготовки пред раководството на клубот. Исто така, почнати се разговори за можни засилувања, со цел зголемување на квалитетот и конкуренцијата во тимот. Паралелно се работи и на детален план за летните подготовки.
Во неговиот стручeн штаб ќе биде вклучен и досегашниот тренер Горан Касниоски, кој ќе има улога на помошник, што обезбедува континуитет во работата и поддршка за новиот тренер.
Блажевски, 38-годишен стручњак со УЕФА А лиценца, моментално е и главен тренер на женскиот клуб Порече од Македонски Брод, кој се натпреварува во Втората женска фудбалска лига.
- Инфраструктурни подобрувања: реконструкција на теренот и соблекувалните
Теренот во Големо Коњари е во фаза на сериозна реконструкција. Тимот на Спортска Мрежа беше присутен на самиот терен, каде се работи на целосна санација на соблекувалните, како и уредување на игралиштето со цел да се исполнат сите критериуми за натпреварување во Втората лига.
Утре, преку ексклузивно видео, ќе ви ја пренесеме атмосферата и напредокот на теренските работи.
- Големо Коњари – од Tрета лига до враќање во Втора лига
Екипата на Големо Коњари ја освои титулата во Третата лига – Југ, а во баражот одигра 2:2 против Тетекс, губејќи по изведување пенали. Сепак, преку ждрепката од поразените екипи, доби второлигашки статус за следната сезона.
Селото Големо Коњари живее за фудбалот — од оваа средина произлегле бројни фудбалски имиња, а со новата сезона се очекува и масовна поддршка од публиката на домашниот терен.