Женската фудбалска репрезентација на Македонија до 16 години запиша нов триумф на УЕФА развојниот турнир што се одржува во Албанија, совладувајќи ја соодветната селекција на Грузија со минимални 1:0.
Стрелец на единствениот погодок беше Елена Наумовска, која во 85. минута го реши натпреварот и ѝ донесе значајна победа на македонската селекција. Средбата беше изедначена и борбена, со неколку добри можности на двете страни, но Македонија покажа поголема концентрација во клучните моменти.
Ова е втора победа за избраничките на селекторот Катерина Милеска на овој контролен турнир, по триумфот над Бугарија во првото коло, кој беше обезбеден по подобро изведување на пенали.
Во последното коло од турнирот, Македонија ќе се соочи со домаќинот Албанија. Натпреварот е закажан за 18. април со почеток во 15:00 часот.