Натпреварот од 13. коло на Трета лига – Исток меѓу Овче Поле и Карбинци, кој се одигра на 6 април заврши со минимална победа од 1:0 за домашниот состав. Но, овој натпревар има трето полувреме.
Веднаш по натпреварот ФК Карбинци најави и поднесе жалба до натпреварувачката комисија на ТФМЛ – Исток за овој натпревар, а причината е тоа што ФК Овче Поле, како што тврди ФК Карбинци направил измени во четири интервали односно прекини, иако се дозволени три.
Колку за информација, фудбалските екипи можат да направат пет измени, но истите да ги организираат во најмногу три прекини односно интервали.
- ФК КАРБИНЦИ ПОДНЕСЕ ЖАЛБА БИДЕЈЌИ ФК ОВЧЕ ПОЛЕ НАПРАВИЛ ИЗМЕНИ ВО ЧЕТИРИ ИНТЕРВАЛИ:
„Во вашата одлука по поднесената жалба од страна на ФК Карбинци, погрешно го толкувате членот 100 став 7 од Правилникот за натпреварување, вие се повикувате на член 23 став 2 каде што е прецизирано дека фудбалските измени на натпреварувањата под капа на ФФМ ќе бидат усогласени со правилата на игра на ИФАБ(IFAB) каде што секоја екипа има право на замена на пет наместо на три фудбалери и најмногу една замена за потрес на мозок. Потоа е наведено во овој член 23 став 2 односно допрецизирано во колку наврати можат да се направаат овие измени или може да се вршат во најмногу три наврати за секоја екипа, замената направена на полувреме и замената за потрес не влегува во споменатите три наврати. Во правилникот за натпреварување за сезоната 24/25 во членот 100 став 7 јасно стои Заменила повеќе од дозволениот број на фудбалери на тој натпревар што значи доколку екипата се одлучи само за три фудбалери да измени таа може да ги направи во 1 прекин, во 2 прекина или во 3 прекина Доколку екипата се одлучи само за четири фудбалери да измени таа може да ги направи во 1 прекин во 2 прекина или во 3 прекина Доколку екипата се одлучи само за пет фудбалери да измени таа може да ги направи во 1 прекин во 2 прекина или во 3 прекина. Но конкретно на овој натпревар домашната измена направи четири фудбалери измени но тоа го направи во 4 прекини, а со тоа четвртиот фудбалер немал право на настап односно домашната екипа заменила повеќе од дозволениот број на играчи и јасно го прекршила членот 100 став 7 од правилникот за натпреварување. Поради тоа сакаме да не информирате кои се членови на Комисијата на натпревари на ТМФЛ ИСТОК, кои се направиле груб спортски превид и со тоа е оштетена екипата на ФК КАРБИНЦИ дали таа комисија е од еден, двајца или тројца или повеќе членови кои се биле присутни на седницата и дали едногласно е донесена одлуката или е имало различни гласања, исто така ќе го запазиме правниот лек и ќе поднесеме нова жалба на оваа првостепена одлука до Комисијата за жалби на ТМФЛ ИСТОК во рок од три (3) дена од приемот на одлуката донесена од првостепениот орган со уплата на пропишана такса, но и ќе ја запознаеме спортската јавност, спортските клубови но и ФФМ, управниот одбор на ФФМ но и претседателот на ФФМ“, се вели во соопштението на ФК Карбинци.
- ЖАЛБАТА НА ФК КАРБИНЦИ Е ОДБИЕНА ОД СТРАНА НА НАТПРЕВАРУВАЧКАТА КОМИСИЈА НА ТМФЛ – ИСТОК:
Жалбата на ФК Карбинци е одбиена од страна на Комисијата за натпревари на ТМФЛ – Исток, а мечот останува регистриран со резултат од 1:0 за екипата на ФК Овче Поле. Според одлуката на Комисијата за натпревари на ТМФЛ – Исток, екипата на Овче Поле од Свети Николе направила четири измени во четири интервали, а според проозициите на Трета лига дозволено е извршување на пет измени, а во случајот не се запазени интервалите, за што според тоа како што велат од Комисијата за натпреварување следува автоматска казна, но не и губење на натпреварот со службен резултат.

Дополнително, како што се вели во образложението на Одлуката на Комисијата за натпревари на ТМФЛ – Исток, претставникот на ФК Овче Поле и делегатот на натпреварот се предава на дисциплинската комисија на ТМФЛ – Исток, бидејќи го прекршиле членот 23 став 2 од пропозициите на Третите лиги.
- ФК КАРБИНЦИ НАЈАВУВА ПОДНЕСУВАЊЕ НА НОВА ЖАЛБА ЗА ПРВОСТЕПЕНАТА ОДЛУКА ДО КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ НА ТМФЛ – ИСТОК:
Од ФК Карбинци најавуваат дека ќе поднесат нова жалба на првостепената одлука до Комисијата за жалби на ТМФЛ – Исток, а како што велат ќе ја запознаат и ФФМ за овој случај.