ИнтервјуМагазинФудбалЧетврта лига

Митков: Во Подареш ме пречекаа како свој, а против Дрвош очекувам домашната публика во Злеово да биде нашиот дванаесетти играч

Сподели
Сподели



Фудбалскиот клуб Слога од Злеово продолжува со настапите во Општинската фудбалска лига – Струмица, каде што по шест одиграни натпревари има две победи, две ремија и два порази, односно осум освоени бодови.

Клубот од радовишкото село минатата сезона, по долгогодишна пауза, повторно се активираше и се вклучи во ОФЛ во Струмица, со што фудбал повторно се врати во Злеово.

Еден од луѓето кои работат на развојот на клубот е тренерот Кристијанчо Митков – Киско, кој во изјава за Спортска Мрежа зборуваше за атмосферата во екипата, досегашните резултати и напредокот на фудбалерите.

Митков истакнува дека негов приоритет е создавањето позитивна атмосфера, добра комуникација и заедништво меѓу сите кои се дел од клубот.

„Јас како тренер на Слога Злеово правам напори пред сè да има позитивна атмосфера во клубот и добра релација помеѓу фудбалерите, стручниот штаб, управата на клубот и граѓаните на с. Злеово. Задоволен сум од текот на првенството бидејќи, како поминува времето, ние сме сè поорганизирани и помотивирани, а тоа го покажуваат и резултатите. Досега, од шест одиграни натпревари имаме две победи, два пораза и две нерешени“, вели Кристијанчо Митков – Киско за Спортска Мрежа.

По речиси една деценија, во Подареш повторно се одигра локално фудбалско дерби меѓу две екипи од радовишкиот регион. Готен и Слога Злеово ги поделија бодовите, играјќи 2:2 во рамките на шестото коло од Општинската фудбалска лига – Струмица.

Дербито привлече големо внимание кај љубителите на фудбалот од радовишко, а за тренерот на Слога натпреварот имаше и посебна емотивна вредност.

Имено, Митков во своите тинејџерски години, како младинец на Плачковица, со двојна регистрација настапувал и за Готен, кој во тој период се натпреварувал во Третата лига – Исток.

Токму поради тоа, враќањето во Подареш, овојпат како тренер на Слога, за него претставувало посебен момент.

„Ова беше фудбалски празник за љубителите на фудбалот во радовишко. Посебни емоции се пробудија кај мене како тренер на Слога бидејќи во минатото, во моите тинејџерски години, играјќи како младинец во ФК Плачковица, на двојна регистрација играв и за ФК Готен, кој тогаш се натпреваруваше во силната лига Трета лига – Исток, во која настапуваа екипи како Тиверија, Малеш Берово и други екипи. Публиката во Подареш добро ме познава и бев пречекан буквално како нивен член, но сега во улога на шеф на мојата ФК Слога, која неизмерно ја сакам. Имавме добар пречек, многу публика и супер радовишко фудбалско дерби“, дополни тренерот на ФК Слога Злеово.

По освоениот бод во Подареш, пред Слога следува нов сериозен предизвик. Во недела, на 22 ноември, екипата од Злеово на домашен терен ќе го пречека второпласираниот Дрвош.

Натпреварот ќе се одигра на фудбалското игралиште „Ване Трајанов“, кое го носи името на поранешен фудбалер на Слога, кој прерано починал.

Митков верува дека добрата игра против Готен, како и постепеното комплетирање на играчкиот кадар, ќе бидат дополнителен мотив за неговите фудбалери во пресрет на дербито со Дрвош.



Сепак, Слога и понатаму има кадровски проблеми. Надвор од составот е првиот капитен Трајче Чамов, но позитивна вест е враќањето на Реџеп Јашаров – Речко, кој повторно е на располагање на стоперската позиција.

Тренерот на Слога очекува голема поддршка од домашната публика, која, според него, може да има значајна улога во обидот за позитивен резултат.

„Следниот натпревар го играме на 22.11.2026 година, на фудбалското игралиште „Ване Трајанов“, кое го носи името на наш поранешен фудбалер кој прерано нè напушти. Слава му. Околу следниот натпревар сакам да кажам дека играта што ја прикажавме против Готен и комплетирањето на моите фудбалери ми даваат надеж, но и мотив повеќе јас како тренер да размислувам за следниот натпревар против второпласираниот ФК Дрвош. Се надевам дека од притисокот што го чувствувавме сите во Слога се растоваривме токму вчера. Домашниот терен ќе ни биде мотив плус, а нашата верна публика и граѓаните на с. Злеово — дванаесетти играч. Овде морам да напоменам дека ни е хендикеп неиграњето на нашиот прв капитен Трајче Чамов, но затоа во прав момент на таа стоперска позиција ни се врати Реџеп Јашаров — Речко, кој таму е неприкосновен. Пред мене е период на размислување и мотивирање на фудбалерите до недела и се надевам дека резултатот ќе биде во наша корист. Вие како Спортска Мрежа сте поканети. Ја поканувам целата фудбалска јавност да дојде во недела во Злеово бидејќи ја очекува супер фудбалска атмосфера“, дополни тренерот Митков.

По долгогодишната пауза, Слога повторно станува важен дел од спортскиот живот во Злеово. Клубот не само што се врати во натпреварување, туку постепено гради екипа која сака да напредува и да биде конкурентна во првенството.



Освоените осум бодови по шест натпревари, ремито во локалното дерби со Готен и позитивната атмосфера во клубот се основа за продолжување на сезоната.

Следниот предизвик против второпласираниот Дрвош ќе биде нов тест за можностите на Слога, но и можност љубителите на фудбалот од Злеово повторно да уживаат во првенствен натпревар со големо значење.

По речиси една деценија без локални дербија, фудбалот повторно ги обединува Подареш и Злеово како единствени локални средини од радовишко кои имаат фубдал, а ентузијазмот на луѓето како Кристијанчо Митков покажува колку значи враќањето на клубовите во радовишките села.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

ИнтервјуМагазинФудбалЧетврта лига

Митков: Во Подареш ме пречекаа како свој, а против Дрвош очекувам домашната публика во Злеово да биде нашиот дванаесетти играч

Фудбалскиот клуб Слога од Злеово продолжува со настапите во Општинската фудбалска лига – Струмица, каде што по шест одиграни натпревари има две победи,...

Ракомет

(ВИДЕО) Кадетите на Младост со голема победа против Куманово – Иванџиков постигна 12 гола, плеј-офот сè поблиску!

Кадетите на РК Младост 1977 од Богданци забележаа значајна победа во Кадетската машка ракометна лига, откако на домашен терен го совладаа Куманово со...

Поврзани написи
ФудбалЧетврта лига

Локомотива до минимална победа, реми на Тополка и Горски, Плавник го доби Согле

Седмото коло на Општинската фудбалска лига во Велес донесе погодоци на сите...

ФудбалФутсал

Проект со девет гола го декласираше Железарец, Кеги Моби ја доби голеадата со Бутел

Шампионот Проект со девет гола го декласираше повратникот Железарец, кој е поранешен...

ФудбалФутсал

Балкан убедлив против Фудбал Старс, четири гола за Јусуф Сулејмани, хет-трик за Пајтим Реџепи

Петтото коло на Втората футсал лига беше затворено со големата победа на...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!