Кадетите на РК Младост 1977 од Богданци забележаа значајна победа во Кадетската машка ракометна лига, откако на домашен терен го совладаа Куманово со 31:27, во натпревар кој донесе неизвесност, голема борба и одлично второ полувреме на домашниот состав.
Иако настапија ослабени, без Милановски и Иванов, младите ракометари на Младост покажаа карактер и успеаја да стигнат до победа која дополнително ги доближува до посакуваната цел – обезбедување на плеј-оф.
Првото полувреме помина во израмнета игра, а двете екипи на одмор заминаа со резултат 17:17. Во продолжението, богданчани одиграа поцврсто во одбраната и поефикасно во нападот, што им овозможи да направат разлика и да слават со четири гола предност.
Прво име на натпреварот беше Стојан Иванџиков, кој постигна дури 12 погодоци и беше најзаслужен за победата на Младост.
Одлична поддршка имаше од Матеј Митев, кој деветпати ја затресе противничката мрежа, додека Антонио Каракабаков постигна шест погодоци. Во листата на стрелците се запиша и Лука Лукиќ со четири гола.
Четворицата ракометари ги постигнаа сите 31 погодок за домашниот состав.
Со овој триумф, кадетите на Младост направија уште еден важен чекор кон остварување на сезонската цел – пласман во плеј-офот.
На богданчани им се потребни уште две победи за да го обезбедат посакуваното место меѓу екипите кои ќе ја продолжат борбата во завршницата од првенството.
Победата против Куманово е одлична најава за следниот предизвик, бидејќи Младост во наредното коло ќе гостува кај лидерот Мулти Есенс во Автокоманда.
Тоа ќе биде сериозен тест за младите ракометари од Богданци, кои со нов позитивен резултат би направиле уште еден голем чекор кон плеј-офот.
Од РК Младост 1977 упатија повик до навивачите, родителите и љубителите на ракометот да продолжат со поддршката за оваа генерација, која со своите настапи покажува голема желба за напредок и успех.