Башкими приреди големо изненадување, совладувајќи ја фаворизираната Струга Трим Лум со 2-1 на домашен терен во Куманово, во последниот натпревар од деветтото коло во Првата македонска фудбалска лига. Избраниците на Муарем Муарем одиграа одличен натпревар, а со поддршка од домашната публика успеаја да стигнат до значајна победа.
Со овој пораз, Струга Трим Лум пропушти можност да се искачи на врвот на табелата и да се израмни бодовно со лидерот Шкендија. Стружани остануваат на втората позиција со 17 бода, колку што има и Вардар.
Домашниот тим прв сериозно се закани во 17. минута, кога Никел Ор упати удар од околу 20 метри, но Васко Василев беше на висината на задачата. Само две минути подоцна, голманот на Струга повторно одлично интервенираше, овојпат по ударот на Луис Рибеиро од левата страна.
Сепак, гостите први ја затресоа мрежата. Во 26. минута, Меметриза Хамза изведе корнер од левата страна, а Ласана Диако со удар со глава од непосредна близина донесе водство од 0-1 за Струга Трим Лум.
Башкими не се откажа и успеа да возврати во 34. минута. Никел Ор направи одличен продор по левата страна и со прецизен удар го совлада Василев за израмнување на 1-1.
На самиот почеток од второто полувреме, кумановци направија целосен пресврт. Во 51. минута, Антонио Мајимона продре по левата страна и ја испрати топката во мрежата на гостите за водство од 2-1.
По примениот втор гол, Струга Трим Лум ја презеде иницијативата и тргна во потрага по израмнување, но тешко создаваше вистински опасни ситуации пред голот на Башкими. Во 84. минута, Агамах се обиде со удар од околу 18 метри, но не беше прецизен.
На спротивната страна, Фавзи се закани со удар од далечина, но топката заврши покрај голот. Во 88. минута, Бесмир Бојку шутираше од 16 метри, но не успеа да ја погоди целта. Во завршницата, Марјан Радески се обиде со удар со глава, но младиот голман Алиу беше сигурен и ја сочува предноста на својот тим.
Така, Башкими го задржа водството до последниот судиски свиреж и запиша голема победа над еден од водечките тимови во првенството, додека Струга Трим Лум остана без бодови од гостувањето во Куманово.