Натпреварот од петтото коло во Третата македонска фудбалска лига – регион 3, меѓу Каменица Саса и Тиверија, не се одигра откако гостинскиот тим од Струмица не се појави на Градскиот стадион во Македонска Каменица.
По истекот на предвидените 30 минути чекање, гостинот не се појави на теренот, а на теренот биле присутни домашната екипа, судиите и официјалните лица, па се очекува Каменица Саса да го добие дуелот со службен резултат од 3:0. За ланскиот второлигаш ова значи три бода без одигран натпревар, додека Тиверија се соочува со сè посериозна санкција.
Ова е вторпат сезонава струмичкиот состав да не одигра првенствен натпревар. Во третото коло Тиверија не отпатува во Берово за дуелот со Малеш, по што натпреварот беше регистриран со службени 3:0 за домашниот тим.
Резултатите на Тиверија во досегашниот тек од сезоната дополнително ја отсликуваат тешката ситуација на екипата. Во првото коло струмичани загубија со убедливи 11:0 на гостувањето кај Овче Поле, а потоа на домашен терен претрпеа пораз од Дојранско Езеро со 0:13. По службениот пораз од Малеш, во четвртото коло Тиверија загуби од Хоризонт Турново со 2:10.
Со новото неодигрување на натпреварот, Тиверија бележи уште еден сериозен проблем во натпреварувањето. Доколку продолжи ваквата ситуација, клубот би можел да се соочи и со дополнителни дисциплински последици, согласно правилата на натпреварувањето.
За Каменица Саса, пак, ова значи службено впишани три бода, додека вниманието сега е насочено кон следните одлуки на надлежните натпреварувачки органи во врска со случајот на Тиверија.