Серија прашања во врска со организацијата на Општинската фудбалска лига (ОФЛ) Охрид за сезоната 2026/27 упатија спортските работници при ФС Охрид. Тие реагираат на објавениот распоред за натпреварувањето, во кое се предвидени 10 екипи и девет кола, и бараат одговори за организаторот, правната основа и начинот на функционирање на лигата.
Во своето соопштение, спортските работници при ФС Охрид поставуваат прашање како е можно да се организира општинска лига преку ОФС Охрид, имајќи предвид дека, според нивните наводи, ОФС Охрид е суспендиран од ФФМ. Воедно, тие се повикуваат на официјални одлуки на ФФМ во кои, како што наведуваат, биле констатирани неправилности поврзани со работењето на ОФС Охрид.
Особено внимание во соопштението е посветено на тоа кој ги делегира судиите и делегатите, кој ги заверува записниците и ги внесува резултатите во системот, како и кој гарантира дека натпреварите навистина се одиграни. Спортските работници при ФС Охрид бараат и објаснување за целта на организирањето на лигата, како и дали клубовите се запознаени со тоа под чија организација и одговорност настапуваат.
- Во продолжение, соопштението на спортските работници при ФС Охрид кое пристигна до нашата редакција го пренесуваме во целост:
„ЛИГА ИЛИ ПРЕТСТАВА? КОЈ И ЗОШТО ЈА ОРГАНИЗИРА ОВАА ЛИГА ВО ОХРИД?
На фотографијата е распоредот за ОФЛ Охрид 2026/27, со дури 10 екипи и девет кола.
Но тука се отвораат сериозни прашања на кои охридската фудбалска јавност заслужува јасен одговор.
Кој ја организира оваа лига и врз која правна основа?
Како може да се организира општинска лига преку ОФС Охрид, ако ОФС Охрид е суспендиран од ФФМ?
ФФМ во своите официјални одлуки наведе сериозни неправилности поврзани со работењето на ОФС Охрид, меѓу кои и фиктивни записници, натпревари кои не биле одиграни и непостоечка „Б“ општинска лига.
Во март 2026 година, одлуката за суспензијата на ОФС Охрид беше и потврдена на Собранието на ФФМ.
Па затоа, кој денес стои зад оваа лига?
Кој ги делегира судиите и дали воопшто ги има?
Кој ги назначува делегатите?
Кој ги заверува записниците?
Кој ги внесува резултатите во системот?
Кој гарантира дека натпреварите навистина се одиграни?
Каде се официјалните одлуки со кои ова натпреварување е одобрено?И едно особено важно прашање:
КОЈА Е ЦЕЛТА НА ОРГАНИЗИРАЊЕТО НА ОВАА ЛИГА?
Дали целта е залажување на фудбалската јавност за личните интереси на суспендираните структури во ОФС, дали станува збор за обид да се продолжи со работа на структура која е суспендирана од ФФМ?
И, секако, каде е претседателот на ОФС Охрид, Делчо Максимоски, во целата оваа приказна?
Дали Делчо Максимоски ја поддржува и ја организира оваа лига?
Ако не ја организира – кој ја организира?
Ако ја организира – врз која одлука и со чие овластување?И уште едно прашање за сите клубови што се ставени во распоредот:
Дали клубовите знаат под чија организација и одговорност настапуваат?
Најинтересно е што според објавениот распоред, првото коло е предвидено за 26–27 септември, а јавноста заслужува да знае што точно се случи со тоа коло и зошто натпреварувањето не функционира според објавениот план, зошто се изигра еден натпревар или можеби ни еден.
Охрид не заслужува уште една „лига на хартија“.
После сите официјално констатирани неправилности од ФФМ, јавноста има право на јасни одговори, документи и транспарентност, а не само распоред на хартија.
КОЈ ЈА ОРГАНИЗИРА ЛИГАТА?
КОЈ ЈА ФИНАНСИРА?
КОЈ ОДГОВАРА ЗА НЕА?
КОЈ ГИ ВЕРИФИКУВА НАТПРЕВАРИТЕ?
И, НАЈВАЖНО – СО КОЈА ОДЛУКА И СО КОЕ ОВЛАСТУВАЊЕ?Охридската спортска јавност чека одговори.“