Штип е пред можност повторно да добие суперлигашка кошарка, откако КК Соколи официјално поднесе барање на јавниот повик на Кошаркарската федерација на Македонија за пополнување на испразнетото место во Супер лигата за сезоната 2026/2027.
Местото во елитата се отвори откако КК Чаир не доби лиценца за настап во највисокиот ранг. КФМ го отвори рокот за заинтересираните клубови, а покрај Соколи, кандидатурата официјално ја најави и КК Шкупи.
Од штипскиот клуб веќе најавија сериозен проект. Соколи неодамна го промовираа Марјан Србиновски за нов тренер, а клубот паралелно работи и на формирање на ростерот. Во план се и три странски засилувања, додека клубот треба да функционира како акционерско друштво формирано од Општина Штип.
„Уште на првиот состанок ми беа презентирани амбициите, планот за развој, како инфраструктурата односно новата сала која морам да ја пофалам е една од најмодерните од овој тим во нашата држава. Амбициите на клубот се поклопија со моите амбиции и така лесно дојдовме до договор со градоначалникот. Ние чекаме официјално да бидеме промовирани во суперлигаши, во тој правец и ја спремаме екипата. Нема голем број на квалитетни македонски играчи на пазарот, но правиме напори за што подобар ростер за буџетот кој е испланиран исто така планираме да доведеме и три странски засилувања“, рече Србиновски.
Од Соколи веќе потврдија дека е испратена пријавата на јавниот конкурс од КФМ за учество во Супер лигата за следната сезона.
Амбициите на штипскиот клуб не се само поврзани со евентуалниот настап во елитата. Планот е да се создаде стабилен проект, да се привлечат младите кон кошарката и новата сала „Џексон“ да стане место за развој на нови генерации.
Во меѓувреме, за суперлигашкото место ќе конкурира и КК Шкупи, кој соопшти дека е подготвен да ги исполни сите услови и да се врати во највисокото натпреварување.
„Управниот одбор на КК Шкупи АД ја известува јавноста, новинарите, порталите и сите медиуми дека клубот ќе конкурира на конкурсот објавен од Кошаркарската федерација на Северна Македонија за пополнување на местата во Суперлигата. КК Шкупи е подготвен да се врати таму каде што му е местото – во Суперлигата. Се надеваме дека ова е моментот кога Кошаркарската федерација ќе ја исправи неправдата направена кон КК Шкупи, кога клубот беше отстранет од Суперлигата, и ќе му овозможи на клубот спортски и институционално да се врати во највисокото натпреварување. КК Шкупи е подготвен да ги исполни сите барања и обврски утврдени од Федерацијата, со поддршка од спонзорите, Општината, Градот Скопје и Министерството за спорт. Подготвени сме да се вратиме во Спортската сала „Шабан Трстена“, во нашиот дом, таму каде што КК Шкупи ја создаваше својата шампионска историја и каде што беа создадени генерации и репрезентативни кошаркари. Подготвени сме да продолжиме таму каде што ни беше прекината работата: со младинските категории, со развојот на школата на клубот и со создавање на сениорски тим за Суперлигата.
Нашата цел е јасна: да ја вратиме кошарката во Чаир, да го вратиме КК Шкупи таму каде што заслужува да биде и повторно да го разбудиме кошаркарскиот дух во нашиот Чаир. Веруваме во работата, во спортот, во младите и во правото на секој клуб да се натпреварува под еднакви услови. КК Шкупи е подготвен. Сега е време за враќање“, се вели во соопштението на КК Шкупи.
И додека Соколи веќе го подготвуваат тимот за потенцијален суперлигашки предизвик, Шкупи ја најави својата кандидатура со јасна амбиција за враќање во елитата.
Конечната одлука ќе ја донесе КФМ по истекот на рокот за пријавување и проверката на исполнетоста на сите услови, а тој рок завршува на 20 август. Дотогаш останува отворено прашањето кој ќе го пополни празното место во Супер лигата – Соколи со новиот тренер Марјан Србиновски или Шкупи со амбицијата за враќање во највисокиот ранг.