Денес стартува 35. издание на Втората македонска фудбалска лига, која во новата сезона носи одредени промени во системот на натпреварување во однос на минатогодишниот шампионат.
Второлигашката конкуренција оваа сезона е намалена од 16 на 14 екипи, а голема промена има и во битката за опстанок. Баражите за опстанок во ВМФЛ се минато – тие повеќе не постојат, па последните три екипи на табелата, односно 12., 13. и 14. место, директно се селат во Трета лига.
Промени има и во борбата за пласман во елитата. Минатата сезона само шампионот обезбедуваше директен пласман во Првата лига, додека второпласираниот и третопласираниот мораа преку бараж да го бараат својот „елитен билет“.
Сега ситуацијата е поинаква. Првите две екипи директно обезбедуваат место во ПМФЛ, додека третопласираниот ќе има дополнителна шанса преку бараж против осмопласираната екипа од Првата лига.
- Втора лига со прволигашки „дизајн“
Втора лига сезонава има вистински прволигашки амбиент, барем ако се погледне составот на екипите кои ќе се натпреваруваат.
Дури пет екипи кои минатата сезона играа во Првата лига сега ќе се борат во второлигашката конкуренција – Пелистер, Работнички, Македонија ЃП, Брера Струмица и Шкупи.
На нив им се приклучуваат Камјани и Еуромилк ГЛ, кои пристигнуваат од Трета лига.
Камјани е дебитант во ВМФЛ и за првпат ќе се натпреварува во второлигашката конкуренција. Тимот минатата сезона стана шампион во Трета лига – Запад, а во баражот за место во Втора лига го совлада Победа Валандово со 2:0 во Штип.
Еуромилк ГЛ, пак, е повратник во Втората лига. Некогашниот прволигаш од Горно Лисиче минатата сезона беше шампион во Трета лига – Север, а потоа во баражот ја совлада Каменица Саса со 2:1 и обезбеди пласман во ВМФЛ.
- Пелистер и Охрид со највисоки амбиции
Кога станува збор за фаворитите за пласман во Првата лига, Пелистер и Охрид се издвојуваат како двете екипи со највисоки амбиции.
И едните и другите во текот на летото изградија квалитетни ростери, финансиски се пред поголемиот дел од конкуренцијата, а целта е јасна – враќање, односно пласман во ПМФЛ.
Сепак, борбата за врвот тешко дека ќе биде само меѓу овие две екипи.
Детонит Плачковица, Новаци, Работнички, Беласица и Брера Струмица имаат потенцијал да се вмешаат во горниот дел од табелата и да приредат изненадување.

Сите овие екипи направија квалитетни ростери, а голем дел од сезоната може да биде одреден токму од меѓусебните дуели. Кој ќе ги освојува бодовите во директните пресметки, особено против конкурентите за горниот дел од табелата, ќе има голема предност во трката за топ-пет зоната.
Потоа, зимскиот преоден рок може да биде дополнителна можност за „апгрејд“ на составите и засилување на амбициите во пролетниот дел од сезоната.
- Опстанокот носи дополнителен притисок
На другата страна од табелата ќе се води поинаква битка.
Со оглед на тоа што три екипи директно испаѓаат во Трета лига, речиси секој бод ќе има огромно значење во борбата за опстанок.
Еуромилк ГЛ, како нов второлигаш, сигурно ќе сака пред сè стабилизација, сигурен опстанок и што е можно подобар пласман.
Камјани, пак, како дебитант во ВМФЛ, нема да изгледа како екипа која однапред се откажува од повисоки амбиции. Барем според имињата во составот, новајлијата има капацитет за нешто повеќе, особено во есенскиот дел од сезоната.

Од друга страна, Осогово, Кожуф, Шкупи, Македонија ЃП и Тетекс ќе мора што порано да обезбедуваат бодови и да се обидат да создадат што поголема дистанца од опасната зона.
Особено интересно ќе биде да се види како ќе се снајдат ланските прволигаши, со оглед на тоа што повеќето од нив во новата сезона влегуваат со речиси комплетно нови состави.
- Млади сили и нови состави
Македонија ЃП и Шкупи ќе се потпираат на млади сили, додека Брера Струмица ќе настапи со млад состав кој покрај второлигашките обврски го очекува и предизвикот во младинската Лига на шампиони.
Струмичани тимот го надополнија со двајца искусни фудбалери – Владимир Жоглев и Стефан Наумчески, кои треба да внесат дополнително искуство во младинскиот состав.
И Работнички влегува во новата сезона со комплетно изменет лик, што дополнително ја прави неизвесна проценката за тоа каде ќе се најдат „романтичарите“ по првите неколку кола.

Денес стартува новата сезона: Дерби во Охрид, Пелистер утре под рефлектори. Првото коло ќе се игра во два дена.
Денеска во Струмица ќе се одиграат два натпревари – Брера Струмица – Еуромилк ГЛ и Беласица – Осогово.
Македонија ЃП сезоната ја отвора на домашен терен против Тетекс, додека Охрид ќе биде домаќин на Новаци.
Работнички на свој терен ќе го пречека Кожуф, а Шкупи пред својата публика ќе игра против Детонит Плачковица.
Првото коло ќе биде комплетирано утре, кога под рефлектори ќе се одигра натпреварот меѓу Пелистер и Камјани.

Нова сезона, нов формат и многу поголем влог – две директни промоции во Првата лига, дополнителен бараж за третопласираниот и дури три директни испаѓања.
Сè е подготвено за 35-тото издание на Втората македонска фудбалска лига. А одговорот на прашањето кој ќе слави промоција, а кој ќе се збогува со второлигашката конкуренција, ќе го добиеме во месеците што следуваат.