ИнтервјуРакомет

ИНТЕРВЈУ| Ристески: ,,Го исполнивме тригодишниот план, сега одиме по нови трофеи!“

Сподели
Сподели

Историската сезона, крунисана со трофејот во ЕХФ Европскиот куп, ги крена очекувањата во Охрид на највисоко ниво. Амбициозниот проект на клубот не застанува тука – со осум нови засилувања и внимателно испланирани подготовки, охриѓани влегуваат во новата сезона со уште поголеми предизвици.

Во ексклузивен разговор за Спортска Мрежа, спортскиот директор на ГРК Охрид, Славчо Ристески, зборува за исполнетата тригодишна цел, промените во играчкиот кадар, амбициите во сите натпреварувања, подготвителниот период и атмосферата што, според него, е најголемата сила на тимот.

„Тригодишниот план го исполнивме уште во првата сезона

Ристески потсетува дека европскиот трофеј не бил случајност, туку резултат на проект кој од самиот почеток имал јасно поставена цел – да донесе пехар во Охрид. Според него, успехот и денес се чувствува низ градот, а признанието им припаѓа на сите што беа дел од историската сезона.

„Пред сè, зацртаната цел за три години- овој проект да донесе пехар во Охрид- ја остваривме уште во првата сезона – го освоивме ЕХФ Европскиот куп и мислам дека сè уште сме ,, хит ” во градот. Луѓето нè поздравуваат и ни честитаат за успехот. Тоа е успех на клубот, на стручниот штаб, на играчите и на управата.“

ФОТО: ГРК Охрид

Осум нови имиња, но амбициите остануваат исти

Во пресрет на новата сезона, охридскиот состав претрпе промени. Дел од играчите си заминаа по истекот на договорите, а дел поради други околности, но спортскиот директор е уверен дека клубот успеал да состави уште поквалитетен ростер.

„Оваа сезона ја стартуваме со осум нови имиња- на некои играчи им истекоа договорите, некои принудно си заминаа од клубот, како Ориол Реј со таа клаузула, но мислам дека направивме уште подобар тим за претстојната сезона.“

ФОТО: ГРК Охрид
ФОТО: ГРК Охрид

Четири фронта и густ распоред уште од самиот старт

Охрид го очекува исклучително динамична сезона. Покрај домашните натпреварувања, клубот повторно ќе има европски предизвици, а подготовките се осмислени така што екипата максимално подготвена ќе ја дочека официјалната сезона.

„Оваа сезона нè очекуваат настапи на четири фронта – Супер Лигата, Купот на Македонија, Регионалната лига и Европскиот куп.“

ФОТО: ГРК Охрид

Ристески ги откри и деталите околу подготвителниот период, во кој Охрид ќе одигра серија силни натпревари против реномирани противници.

„Подготовките веќе се испланирани и ќе се одвиваат во Охрид. Најпрво ќе настапиме на Струшкиот турнир од 12. до 15. август, а потоа ќе го организираме нашиот силен традиционален турнир – „Крсте Андоновски”, кој оваа година ќе биде јубилеен – петто издание. Ќе учествуваат Загреб, Вардар, египетската репрезентација до 20 години, Олимпијакос, Војводина, Тримо Требње, Нексе и ние, како домаќини.“

Подготвителните средби ќе бидат увертира за официјалните обврски, кои започнуваат уште во текот на турнирскиот период.

„Ќе имаме одлични подготвителни натпревари, а во рамките на турнирот ќе го одиграме и првиот натпревар од Регионалната лига против Војводина. По турнирот веднаш заминуваме на гостувања кај Будва и Динамо Панчево. Штом се вратиме од Динамо Панчево, ќе го играме Супер купот на Македонија и веднаш ќе имаме шанса да донесеме уште еден трофеј во Охрид.“

ФОТО: ГРК Охрид

Сезоната почнува со дерби, но целта е секогаш иста

Новиот шампионат веднаш носи голем предизвик – пресметка со Еурофарм Пелистер. Сепак, во Охрид веруваат дека имаат доволно време да ја достигнат посакуваната форма.

„Првото коло од Супер Лигата, веднаш носи дерби со екипата на Еурофарм Пелистер. Сега ги започнуваме подготовките, но има доволно време добро да се подготвиме за официјалните натпревари.“

ФОТО: ГРК Охрид

Да ги победуваме најдобрите“

И покрај тоа што конкуренцијата во македонскиот ракомет од сезона во сезона станува сè посилна, во Охрид не отстапуваат од својата филозофија. Ристески потенцира дека најважни се здравјето на играчите и атмосферата што минатата сезона го одведе тимот до најголемиот успех во клупската историја.

„Нашите цели секогаш се исти – да ги победуваме најдобрите. Навистина имаме многу квалитетна македонска лига, со четири екипи кои располагаат со силни состави. Нашата цел е да победуваме, а до каде ќе стигнеме ќе покаже времето. Најважно е ракометарите да бидат здрави, а атмосферата и енергијата што беше двигател на нашите успеси и нè красеше цела сезона, нека продолжи да нè краси и оваа сезона и да ни донесе уште многу победи.“- вели Ристески за Спортска Мрежа.

ФОТО: ГРК Охрид

Историскиот европски трофеј веќе има свое место во витрините на ГРК Охрид, но во клубот не размислуваат за тоа како за крајна дестинација. Напротив, тој успех е само потврда дека избраниот пат е вистински. Со освежен ростер, богат натпреварувачки календар и амбиција да се остане во самиот врв, охриѓани ја отвораат новата сезона со јасна порака – европската бајка не завршува, туку добива ново поглавје.

ФОТО: ГРК Охрид
ФОТО: ГРК Охрид
ФОТО: ГРК Охрид

Сподели
Напишано од
Сања Секулоска -

Сања Секулоска е спортска новинарка во Спортска Мрежа. Секулоска по професија е магистер на економски науки, која започнува од хоби кон новинарството конкретно во ракометот. Секулоска го следи и европскиот ракомет.

Не пропуштајте

Некатегоризирано

Камлес Градба однесе две високи победи, Капе Верде со висок пораз во Чардаклија

Екипата на Камлес Градба забележа две победи вечерва на Меморијалниот турнир „Влатко Петров“ во Чардаклија, откако на првото меч со 6:4 го доби...

Турнири

Фреигхт Оне во моќно издание на турнирот во Ораовица, Вергови постигна девет гола за убедлива победа

Нови натпревари, нови возбудувања и многу погодоци и вечерва на турнирот во мал фудбал „Ораовица 2026“, а екипата на Фреигхт Оне однесе две...

Поврзани написи
Ракомет

Савревски: „Целите ни се секогаш високи – сакаме повторно да освојуваме трофеи“

ГРК Охрид вчера и официјално ги започна подготовките за новата сезона, која...

Ракомет

Славиќ: „Се надевам дека ќе го повториме успехот од минатата сезона и ќе освоиме барем еден трофеј“

ГРК Охрид, денес и официјално ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона,...

Ракомет

Искусната Савица Мркиќ Стојанов се враќа во Македонија – ново засилување за Ѓорче Петров 2

Ракометниот клуб Ѓорче Петров 2 продолжува со екипирањето за новата сезона, а...

Ракомет

Ивана Гакидова останува во Полска: Македонската репрезентативка потпиша за Калиш

Македонската репрезентативка Ивана Гакидова и во новата сезона ќе настапува во полскиот...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!