Фудбал

Андреас Бек: Македонија создава сериозен систем за развој на млади фудбалери

Сподели
ФОТО: ФФМ
Сподели

Поранешниот германски репрезентативец и актуелен раководител на УЕФА за развој на елитен младински фудбал, Андреас Бек, престојуваше во посета на Фудбалската федерација на Македонија, каде заедно со стручните служби на ФФМ ги анализираше тековните проекти и идните планови во рамки на програмата за Елитен младински фудбал и академијата на ФФМ.

Бек, кој во својата играчка кариера настапуваше за германската репрезентација, како и за екипите на Штутгарт, Хофенхајм и турски Бешикташ, денес е дел од системот на УЕФА задолжен за развој на младински академии и елитен фудбал на европско ниво.

Во текот на посетата на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, Бек ги следеше активностите на младинските селекции и академијата на ФФМ и одржа повеќе состаноци со претставниците на нашата федерација околу идната поддршка преку програмата на УЕФА.

„Во балканскиот регион, луѓето буквално се раѓаат со топка. Без разлика дали станува збор за фудбал, ракомет или кошарка, овде постои длабоко вкоренета спортска култура. Но, само талентот не е доволен. Потребни се структура, континуитет, квалитетна работа, натпревари и вистинска средина за развој“, изјави Бек.

Тој посочи дека Македонија уште од 2014 година е дел од пилот програмата на УЕФА за развој на млади фудбалери и дека напредокот е видлив.

„Она што денес го гради ФФМ е јасен и добро структуриран систем за развој чекор по чекор. Особено позитивен впечаток оставаат проектите на ФФМ Академијата до 15 години и пилот проектот за фудбалери до 14 години“.

Бек ја истакна важноста на континуираниот процес на работа со младите фудбалери.

„ФФМ Академијата (У-15) претставува добро организиран хибриден модел кој функционира од понеделник до петок и овозможува тренинзи, заеднички оброци, натпреварувачко искуство и видео анализа. Пилот проектот (У-14) е камп-модел кој работи со селектирани фудбалери надвор од Академијата и ги подготвува за целосно вклучување во системот следната сезона“.

Директорот на младинските категории во ФФМ, Ѓорѓи Христов, нагласи дека УЕФА е детално запознаена со реорганизацијата на Академијата и новите развојни планови.

„Направивме клучна реформа во Академијата. Ако претходно проектот функционираше две години, сега целта е континуитетот да продолжи се до првите квалификации за таа генерација. Дојдовме до заклучок дека токму во клучната година пред квалификациите ги немавме играчите доволно долго во системот. Затоа сакаме да продолжиме со истата група фудбалери, бидејќи позитивниот ефект од изминатите 12 месеци е евидентен“, изјави Христов.

Тој најави дека од следната сезона, за првпат, двете академии ќе бидат вклучени во Супер кадетската и Супер пионерската лига, каде младите фудбалери ќе играат против повозрасни генерации.

„На пример, Академијата со генерација 2012 ќе игра натпревари против генерација 2011. Тоа е многу важно за нивниот развој. Уште еднаш се потврди колку е значаен континуираниот тренажен процес и колку е важно децата што повеќе време да бидат во систем. Не се доволни само 15 натпревари со репрезентацијата. Со вклучувањето во лигашките натпреварувања ќе добиеме многу повеќе натпревари и дополнителен простор за напредок“.

Христов додаде дека ФФМ ќе продолжи да работи и на подобрување на условите за младите фудбалери од внатрешноста, преку подобри услови за сместување, образование и современ тренажен процес.

„Ќе се работи по иста програма и методологија, со современи фитнес и ГПС методи, се со цел да создадеме уште поквалитетен систем за развој на младите фудбалери“, истакна директорот на младинските категории во ФФМ.

Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Ракомет

ФОТО: Сигурна победа за Тримо Требње над Нексе Нашице на турнирот во Охрид

Тримо Требње со триумф на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид откако го доби Нексе Нашице со резултат со 26:21. Словенечкиот тим до...

Ракомет

Утре започнува 11. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп

Утре започнува 11. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, а на истиот ќе настапат домаќинот Прилеп, Мулти Есенс, Младост Богданци, Бутел,...

Поврзани написи
Прва лигаФудбал

Башкими се засили со младиот Стефан Ристовски и Фати Исмаили

Прволигашот Башкими ангажираше две нови засилувања за продолжението од сезоната, по лошиот...

Фудбал

ФФМ ја повлече поддршката за Инфантино за нов мандат на чело на ФИФА!

По состанокот на претседателите на членките на УЕФА со претседателот и Извршниот...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!