Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација имаше забележителен настап на Европското Таеквон-до ИТФ првенство кое се одржа во Хераклион, Крит (Грција) во периодот од 19 до 26 април 2026 година. Во силна конкуренција од 956 натпреварувачи од 31 европска земја, со дополнително учество и на спортисти од Русија, Белорусија и Казахстан, нашата репрезентација успеа да избори три четвртфинални пласмани и да биде на чекор до медал.
Боите на Македонија, под водство на претседателот Марјанчо Лазаревски, ги бранеа седум натпреварувачи кои прикажаа одлични настапи и борбен дух.
Најблиску до медал беше Миа Танеска, која во категоријата борби за девојчиња 11–13 години (+65 кг) стигна до четвртфиналето. Во дуелот против претставничката на Шпанија, по нерешен резултат во регуларниот дел, во екстра рундата долго време имаше предност, но во самата завршница ја загуби борбата и остана без пласман во полуфиналето. Во дисциплината форми (црвен појас), беше елиминирана во осминафиналето од бугарска натпреварувачка.
Давид Крстески, кој со своите 18 години дебитираше во сениорска конкуренција, исто така стигна до четвртфиналето. Тој претходно ги совлада претставниците на Бугарија и Велс, но по повреда на стапалото и неизвесна борба, во четвртфиналето загуби од руски натпреварувач.
Христијана Парулеска забележа добар настап во формите, каде со две победи се пласираше во четвртфинале, но таму беше поразена од претставничка на Русија. Во борбите, за жал, не успеа да ја мине групната фаза.
Теодора Митреска настапи во сениорска конкуренција во форми (црн појас – прв дан), каде по солидна изведба беше елиминирана од претставничка на Шпанија. Во борбите (-67 кг) како дебитант се соочи со противнички од Бугарија, Русија и Украина, прикажувајќи квалитетни настапи, но без пласман во завршницата.
Владимир Димитриевиќ во категоријата -78 кг се натпреваруваше против борци од Бугарија, Русија и Германија, но и покрај добрите изданија не успеа да стигне до медал и да го повтори успехот од претходното ЕП во Естонија.
Кај јуниорите, Климент Богоески (-57 кг) како дебитант прикажа одлични борби, забележа победа над претставник од Шпанија, но беше поразен во тесни дуели против борци од Белорусија и Бугарија.
Божидар Димитриевиќ (+92 кг) настапи против претставник од Естонија, но по повреда во втората рунда не му беше дозволено да ги продолжи натпреварите против ривалите од Русија и Бугарија.
Во составот на македонската делегација беше и Давид Велковски како бодовен судија, лиценциран меѓународен судија од Б класа. Ова беше негово второ учество на Европско првенство, каде доби високи оценки за својата професионалност и непристрасност, па веќе е најавен за наредното Европско првенство во Рига, Латвија.
„Како претседател на М.Т.Т.Ф горд сум што имаме натпреварувачи кои го даваат својот максимум за да ја престават Македонија во најубаво светло, исто така користам прилика да се заблагодариме на генералниот спонзор „ПН МЕТАЛ“, општината Охрид и – Градоначалник на Општина Охрид г-н Кирил Пецаков“, рече претседателот Марјанчо Лазаревски.
И покрај тоа што овојпат изостана медал, настапот на македонските таеквондисти на Крит покажа дека потенцијалот е огромен, а иднината ветува нови успеси на европската сцена.