Југоисточна Македонија во месец мај ќе биде во знакот на младинскиот фудбал, а Интернационал Мастерс Куп 2026 продолжува да ја гради својата елитна приказна со нови големи имиња. Дел од турнирот ќе биде српскиот великан Црвена Звезда, кој ќе настапи со своите млади категории и ќе донесе дополнителен квалитет и натпреварувачки дух.
Белградскиот гигант, познат по својата богата историја и врвна школа за развој на таленти, е уште една потврда дека турнирот уште во своето прво издание привлекува елитни европски академии.
Новото големо име кое се приклучува на листата е и турскиот великан Бешикташ, еден од најпознатите и најуспешни клубови во Турција, со континуирани настапи на европската сцена, претставува симбол на традиција, квалитет и силен натпреварувачки дух.
Нивните млади таленти ќе бидат дел од овој престижен турнир, што претставува голема чест и дополнително ја засилува конкуренцијата.
Турнирот ќе се одржи од 22 до 24 мај во Валандово, Дојран и Гевгелија, каде љубителите на фудбалот ќе имаат можност да уживаат во вистински младински спектакл.
Покрај Црвена Звезда и Бешикташ, учество веќе потврдија и познати европски клубови како Панатинаикос, Гент и Фенербахче, што јасно покажува дека Интернационал Мастерс Куп има сериозна амбиција да стане еден од најзначајните младински турнири во регионот.
На турнирот ќе настапат екипи во повеќе возрасни категории (U8 до U12), со модерен формат кој вклучува групна и нокаут фаза, како и загарантирани повеќе натпревари за секој тим.
Организаторите најавуваат врвни услови за игра, професионално судење и силен акцент на фер-плеј и развој на младите фудбалери.
Интересот за учество е голем, а пријавите се веќе во тек. Поради ограничениот број на места, клубовите се повикуваат навреме да ја обезбедат својата позиција.
- Спортска Мрежа – ексклузивен медиумски покровител
Спортскиот портал Спортска Мрежа ќе биде ексклузивен медиумски покровител на турнирот, носејќи комплетно покривање со вести, фотографии и видеа, со што љубителите на фудбалот ќе можат да уживаат во секој момент од ова големо фудбалско случување.
Со ваков состав на учесници, Интернационал Мастерс Куп 2026 сериозно најавува дека ќе прерасне во традиционален и престижен турнир, додека Валандово, Дојран и Гевгелија ќе бидат домаќини на вистински фудбалски спектакл.