Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Хрватска (53:91) го затвори настапот во првиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство 2027.
Во салата „Градски парк“, избраничките на селекторот Ашаданов настапија значително ослабени, без неколку искусни кошаркарки кои се повлекоа од репрезентацијата, како и без натурализираната Американка Мерит Хемпе, која поради повреда не беше во составот.
Хрватска уште од самиот почеток ја наметна својата игра и рано стекна двоцифрена предност. По првата четвртина, во која Македонија реализираше само неколку поени, беше јасно дека фаворитот ќе ја контролира играта. На полувреме гостинките имаа сигурни 20 поени разлика (25:45), а во вториот дел дополнително ја зголемија предноста, не дозволувајќи неизвесност.
И покрај резултатот, младата македонска селекција покажа борбеност и желба за надигрување со поквалитетниот противник, но искуството на Хрватска дојде до израз во клучните моменти.
Најефикасна во македонските редови беше Милица Николиќ со 16 поени, додека Илина Селцова додаде 13, а Јана Пислевска реализираше девет поени. Кај противничката екипа, Шавонте Желуз постигна 18 поени, Андријана Цвитковиќ 13, додека Оливија Вукоша забележа дабл-дабл учинок од 15 поени и 10 скока.
Со овој пораз, Македонија го заврши циклусот со една победа и пет порази, освојувајќи го четвртото место во групата. Единствениот триумф беше забележан на домашен терен против Данска, додека двапати беа поразени од Хрватска и Грција, како и еднаш од Данска.
Хрватска и Грција квалификациите ги завршија со идентичен учинок (4-2), но Хрватките го освоија првото место, додека Данска со скор 3-3 обезбеди пласман во следната фаза од квалификациите за Евробаскет 2027.