Ракометарките на Астибо во четврток играат дерби меч против Пелистер, во рамки на 17. коло на Супер лигата. Ова е клучно дерби кое многу решава околу потврда на директниот и сигурен опстанок на двете екипи.
Астибо бара силна поддршка од верната публика, сака полна сала и ветер во грб на патот кон остварување на четвртото сезонско славје и на тој начин да биде сигурен околу шестата позиција.
„Пред нас е натпревар кој има огромно значење за нас,ќе кажеме и најважниот оваа сезона. На теренот ќе дадеме сè од себе, но за да стигнеме до победата ни е потребна и вашата поддршка. Ве повикуваме да дојдете во што поголем број и да ја наполниме салата, да создадеме вистинска дерби атмосфера и заедно да покажеме колку значи ракометот во нашиот град“, се вели во соопштението од штипскиот клуб.
Астибо е на шестото место со седум бодови, тимот на Спартак е седми со шест бодови, а на дното е Пелистер со четири бодови.
Натпреварот кој се игра во четврток во спортската сала „Тошо Арсов“ ќе започне во 18:30 часот.