По обврските во Купот на Македонија, ракометната сезона продолжува со нови возбудувања во Супер Лигата. Викендов, на програмата е второто коло од плеј-офот, во кое ГРК Охрид на домашен терен ќе ја пречека екипата на Алкалоид.
Охриѓани ги насочуваат мислите кон првенствените обврски и важниот предизвик што ги очекува во „Билјанини извори“. Дуелот со Алкалоид доаѓа во рана фаза од плеј-офот, но за домашниот состав може да биде еден од клучните натпревари во борбата за посакуваната позиција на табелата.
Составот на Охрид ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен и поддршката од трибините за да стигне до важни бодови против силниот ривал од Скопје.
Во пресрет на натпреварот, десниот бек на Охрид- Томислав Јагуриноски очекува тежок и неизвесен дуел, но верува дека тимот ќе го даде максимумот за да ги задржи бодовите дома.
„Во сабота нè очекува тежок и важен меч на домашен терен. Ќе го дадеме нашиот максимум да ги задржиме двата бода и се надеваме на полна сала и голема поддршка.“- изјави Јагуриноски.

Натпреварот меѓу ГРК Охрид и Алкалоид се игра во сабота (14 март) во салата „Билјанини извори“ со почеток од 18:00 часот. Влезот за публиката е слободен, а мечот ќе има и хуманитарен карактер – во салата ќе бидат поставени кутии за донации за лекување на десетгодишната охриѓанка Ева.