На стартот од пролетниот дел во Трета лига – Запад екипата на Ултрас се „распука“ и со убедливи 10:1 го декласираше тимот на Младост од Кривогаштани кој беше инфериорен противник на теренот за да парира барем на момент во налетот на расположениот домаќин.
Хет-трик во убедливата победа постигна Дино Варошаноски, двојни стрелци беа Бобан Тошески и Миодраг Тасески, а по еден гол постигнаа Петар Петроски, Христијан Баракоски и Даниел Богојевски, додека пак за гостинот единствен стрелец во високиот пораз беше Жарко Димоски.
Лидерот Превалец победнички ја отвори 2026 година, откако ан стартот на пролетниот дел со 1:3 го доби Млекар во гости.
По чистите мрежи во првиот дел, во второто полувреме беа постигнати четири погодоци. Со два брзи гола Превалец дојде до двојна предност, во 55. минута Александар Крстески погоди за отварање на водството, а пак во 59. минута стрелаше Давид Спиридонов.
Во 90. минута Горан Илоски постигна гол и на момент домаќинот доби надеж за израмнување, но по една минута сите надежи ги урна Александар Јордановски кој погоди за конечни 1:3.
Венец од Долни Дисан со сигурни 3:0 лесно дојде до целиот „плен“ во дуелот со Бучин. Марјанчо Илов и Кирил Неделков погодија за двојна предност на полувреме, а конечниот исход го постави Петар Ристовски во вториот дел.
Некогашниот велешки прволигаш Борец однесе убедлива победа со 6:1 над Росоман на стартот од пролетниот дел. Само во првиот дел гостинот парираше, во вториот дел Борец на рутина ја наполни мрежите на гостинот.
Росоман го отвори резултатот по четири минути игра кога погоди Бојан Миланов во 4. минута од мечот, а потоа до крајот на првиот дел следуваше пресврт за 2:1 и водство на Борец преку погодоците на Милан Чичевски и Теодор Мирчевски.
Во вториот дел Чичевски и Мирчевски постигнаа по уште еден гол, а стрелци беа и Марко Миловановиќ и Бобан Дукадиновски.
Тополка со убедливи 8:1 го „разнесе“ Влазними Јуниор, а расположен за погодоци на овој меч беше Пеце Стојанов со пет погодоци, додека пак по еден гол постигнаа Ангел Гаштев, Мартин Калчев и Филип Попзлатанов. За гостинот единствен стрелец беше Мевлан Усеиноски.
Во рамки на првото пролетно коло слободна беше екипата на Башкими од Јаболчиште, а исто така слободна беше и екипата на Питу Гули од Крушево, откако екипата на Дреново се откажа од натпреварување.
| Поз. | Клуб | ОН | Поб | Н | Пор | ПОС | ПРИ | ГР | БОД |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1 | ФК ПРЕВАЛЕЦ | 13 | 11 | 1 | 1 | 52 | 9 | +43 | 34 |
| 2 | ФК БОРЕЦ 1919 АД | 13 | 11 | 1 | 1 | 48 | 8 | +40 | 34 |
| 3 | ФК УЛТРАС | 13 | 8 | 1 | 4 | 53 | 24 | +29 | 25 |
| 4 | ФК ВЕНЕЦ с.Долни Дисан | 13 | 8 | 1 | 4 | 29 | 22 | +7 | 25 |
| 5 | ФК РОСОМАН-83 | 13 | 7 | 3 | 3 | 29 | 24 | +5 | 24 |
| 6 | ФК ПИТУ ГУЛИ | 12 | 5 | 2 | 5 | 24 | 18 | +6 | 17 |
| 7 | ФК Бучин | 13 | 4 | 3 | 6 | 16 | 28 | -12 | 15 |
| 8 | ФК МЛАДОСТ 1930 | 13 | 5 | 0 | 8 | 21 | 50 | -29 | 15 |
| 9 | ФК МЛЕКАР | 13 | 4 | 1 | 8 | 21 | 29 | -8 | 13 |
| 10 | ФК Влазними Јуниор | 13 | 4 | 1 | 8 | 18 | 34 | -16 | 13 |
| 11 | ФК БАШКИМИ 2008 | 12 | 3 | 3 | 6 | 19 | 18 | +1 | 12 |
| 12 | ФК ТОПОЛКА | 13 | 3 | 2 | 8 | 16 | 30 | -14 | 11 |
| 13 | ФК ДРЕНОВО 2016 | 12 | 0 | 1 | 11 | 12 | 64 | -52 | 1 |
| 14 | ФК СЛОГА 1976 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |