Ракометарите на ГРК Охрид ги финализираа подготовките за утрешниот реванш против Дукла Прага во осминафиналето од ЕХФ Европскиот куп. Охриѓани вечерва го одработија единствениот тренинг во салата „Sportovni Centrum Repy“ во Прага, каде што ќе се одигра решавачката пресметка за пласман во следната фаза.

Со предност од девет голови од првиот натпревар во „Билјанини Извори“, македонскиот претставник патува со солиден капитал, но во таборот на Охрид владее максимална концентрација и свесност дека ништо не е завршено. Стручниот штаб ги искористи последните минути на паркетот за тактичко воигрување и адаптација на условите во салата, со цел тимот целосно подготвен да го дочека утрешниот предизвик.

Дукла ќе се обиде да ја искористи домашната поддршка и да го наметне својот ритам од самиот старт, но Охрид има јасна цел – паметна, дисциплинирана игра и контрола на резултатот.

Утрешниот дуел во Прага ќе биде вистински тест на зрелоста и карактерот на охриѓани. Доколку ја задржат концентрацијата и ја искористат предноста од првиот меч, европската приказна на Охрид ќе продолжи и во четвртфиналето.


