Во Велес на 9 февруари 2026 година се одржа редовното годишно Генерално собрание на Синдикатот на фудбалери на Македонија (СФМ), на кое присуствуваа голем број членови на организацијата.
Собранието имаше и изборен карактер, со оглед на тоа што беа отворени три места во Извршниот одбор и едно испразнето место во Надзорниот одбор. За членови на Извршниот одбор беа поднесени вкупно седум кандидатури, додека за Надзорниот одбор конкурираа двајца кандидати.
По спроведеното гласање, за нови членови на Извршниот одбор беа избрани Јане Николовски, Александра Јовановска и Марјан Герасимовски. За член на Надзорниот одбор довербата ја доби Илчо Боров.
Новоизбраниот Извршен одбор предложи и ново раководство на СФМ, а предлозите беа верификувани од Собранието. Со тоа беше утврден и новиот состав на Претседателството. За претседател е избрана Валерија Ваљак Неделковска, за генерален секретар Марјан Герасимовски, додека функцијата потпретседател ќе ја извршува Александра Јовановска. На новото раководство му беа упатени честитки и желби за успешна и плодна работа во наредниот период.
Во рамки на Генералното собрание како предавач учествуваше и Борче Христов, директор на Центарот за едукација при ФФМ, кој ги запозна присутните со процедурите за добивање тренерска лиценца, како и со можностите и придобивките од едукација по завршувањето на активната фудбалска кариера.