Вечерва се комплетираше 15. коло во Првата ракометна лига односно првата пролетна рунда со одложениот меч меѓу Кичево и Вардар Неготино, каде гостинската екипа славеше убедлива победа од 22:37.
Овој натпревар беше одложен поради големите поплави во Кичево, каде спортската сала „Христо Узунов“ беше претворена во пункт каде беа сместени погодени семејства од поплавите, со што Кичево се „пресели“ во Охрид и во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе ги игра домашните натпревари додека се нормализира ситуација во Кичево.
Мечот одлично го отвори гостинот од Неготино кој од сам старт градеше резултатска предност и во ниту еден момент не му дозволи на противникот резултатски да се врати. На полувреме резултатот беше 11:21.
Благој Христовски со 11 гола беше најдобра стрелец на Кичево, а пак прво име кај Вардар Неготино беше Мирослав Митевски со 15 гола.