Во организација на фудбалската школа Академија Младост Тошев, во спортската сала во кочанско Оризари, по деветти пат се одржа традиционалниот фудбалски турнир во чест на празникот Св. Атанасиј Велики. Настанот беше наменет за најмладите фудбалски надежи, деца родени 2015/2016 година, и уште еднаш ја потврди својата вредност како празник на спортот, фер-плејот и детската радост.
На турнирот учество зедоа четири екипи: Атлетико 2021, ГФК Осогово, Фудбал Старс и домаќинот Академија Младост Тошев. Во полуфиналните дуели, младите фудбалери на ГФК Осогово беа поуспешни од Фудбал Старс, додека Атлетико 2021 славеше против домаќинот Младост Тошев, со што двете екипи изборија пласман во финалето.
Во завршницата на турнирот, најмногу причина за радост имаше екипата на Атлетико 2021, која го освои првото место и златните медали. Второто место му припадна на ГФК Осогово, третопласирана беше екипата на Фудбал Старс, додека Академија Младост Тошев го заврши турнирот на четвртата позиција.

Покрај екипните успеси, беа доделени и индивидуални признанија. За најдобар стрелец беше прогласен Бојан Панов од Атлетико 2021, додека признанието за најдобар голман го доби Петар Ристов, исто така член на победничката екипа. Матеј Величков од ГФК Осогово беше прогласен за најдобар играч.
Општина Кочани беше покровител на овој спортски настан кој веќе има значајна традиција и станува препознатлив спортски симбол во Истокот.
Овој традиционален турнир, кој има значајно место во спортскиот календар на регионот, годинава доби и дополнителна вредност, бидејќи Спортска Мрежа за првпат медиумски го поддржа настанот, придонесувајќи за поголема видливост и промоција на младинскиот фудбал.

Турнирот „Св. Атанасиј Велики“ уште еднаш покажа дека инвестицијата во младите категории е вистинскиот пат за развој на македонскиот фудбал и спортот воопшто.