Македонското судење добива силна меѓународна потврда. Доне Ристовски, интернационален судија кој успешно дели правда и во футсал и во фудбал, ќе биде дел од Европското првенство во футсал 2026 – натпреварување на кое ќе судат само 32 најдобри арбитри од Европа. Заедно со Марјан Младеновски, Ристовски ќе ја претставува Македонија, ФФМ и целокупната судиска организација на највисокото европско ниво.
Патот на Ристовски до елитата почнува од љубовта кон фудбалот и одлуката активно да остане во спортот и по завршувањето на факултетот за физичко образование и спорт.
„Играв во локалниот фудбалски клуб Кожуф од Гевгелија, иако аматерски фудбалот ми беше прва љубов. Фудбалот беше за мене се, по завршувањето на факултетот за физичко образование и спорт, за да останам активен во фудбалот преку ОФС Гевгелија поднесов барање да станам фудбалски судија, каде што одговорните луѓе во ОФС Гевгелија го прифатија моето барање и од таму почна цела успешна приказна. Предизвикот е голем, но со упорност и многу труд секогаш работите доаѓаат на свое место. Секоја професија кај нас има своја тежина, така и нашата, љубовта кон тоа што го работам ме исполнува и после секој добро суден натпревар чувството е добро.“
Како судија кој подеднакво е активен и во футсал и во фудбал, Ристовски јасно ја објаснува разликата и тежината на двете дисциплини:
„Во Футсалот се игра по динамично теренот е помал и секој направен прекршок (фаул) е важен , секој досуден корнер е можна шанса за гол за дадена екипа, додека во фудбалот е по-различно, еден досуден фаул (прекршок) на центарот од теренот во фудбалот не е ништо но во футсалот и тоа како е важен затоа што секој фаул се брои, буквално немаш право на ниту една грешка.“
Неговата кариера одамна излезе од домашните рамки. УЕФА му даде доверба на најголемите сцени уште во младинските конкуренции.
„2023 година во Пореч, Хрватска, УЕФА ми даде шанса да бидам дел од Европското првенство за младинци (У19) каде што навистина поминав одлично и го судев полуфиналето помеѓу Португалија – Словенија (3-2 за Португалија ) а довербата ми ја даде и во финалето помеѓу Португалија – Шпанија каде што бев дел од судискиот тим. Во 2025 година повторно бев дел од Европското првенство У19 што се играше во Молдавија и за мое големо задоволство повторно УЕФА ми ја даде довербата и судев пак полуфинален натпревар.“
Континуитетот и високите оценки резултираа со уште поголемо признание – селекција за сениорското Европско првенство во футсал.
„Сето тоа резултира најпрво УЕФА да ме селектира за потенцијален судија на ЕУРО 2026 за сениори па бев повикан на контролен семинар во Словенија во октомври 2025та година. и за мое големо задоволство УЕФА најпрво да ме извести дека сите можни тестови сум ги поминал успешно и со тоа ме повика и ми ја даде довербата да сум дел од ФУТСАЛ ЕУРО 2026.“
Ристовски отворено потенцира дека зад секој индивидуален успех стои системска поддршка и доверба.
„Без поддршка од ФФМ и од целокупната судиска организација сето ова нема да беше возможно , јас сум само една коцка од целосниот мозаик. Мило ми е што претседателот Масар и комесарот за делегирање Јосип Бартон безрезервно веруваа во мене и со нивна целосна логистика успеав да бидам дел од оваа Европско првенство и да ја претставувам Македонија и ФФМ. Со многу труд , и посветеност докажав дек и еден судија може да биде дел од најдобрите во Европа.“
Европското првенство во футсал 2026 ќе се одржи од 19 јануари до 7 февруари во Словенија, Литванија и Летонија, со учество на 16 репрезентации поделени во четири групи. Ристовски и Младеновски се меѓу избраните 32 судии од Европа, селектирани по ригорозни физички, теоретски и практични тестови на УЕФА.
Веќе е познато дека македонските арбитри Доне Ристовски и Марјан Младеновски се дел од судискиот тим за натпреварот меѓу Ерменија и Украина во групата Б, уште една потврда за довербата што УЕФА ја има во македонското судење, за што веќе објави Спортска Мрежа.
Фокусот е јасен – Македонија има судија кој со работа, посветеност и квалитет се вбројува меѓу најдобрите во Европа.