Втора лигаФудбал

(ВИДЕО) Збогум, Меси: Иван Настевски ги закачи копачките на клин и стави крај на една необична фудбалска приказна

Сподели
ФОТО: Спортска Мрежа | Забрането преземање без претходна писмена согласност!
Сподели

Македонскиот фудбал останува без еден од најталентираните фудбалери од поновата историја. Иван Настевски, попознат во јавноста како македонскиот Меси, ексклузивно за Спортска Мрежа потврди дека става крај на професионалната фудбалска кариера и заминува во фудбалска пензија на 34-годишна возраст.

Фудбалер чие име со години беше симбол за огромен талент, но и за пропуштени шанси, Настевски реши да се прости од играта искрено, сурово и без филтри – токму онака како што ја живееше и својата кариера.

Во својата емотивна и директна изјава за Спортска Мрежа, Настевски ја сумира животната и фудбалската авантура:

„Збогум фудбале

Не знаев од каде да почнам, искрено немам многу емоции за збогување, како да оставам ѓубре во канта, нешто кое е веќе консумирано и нема веќе употреба.
Имав “пеколна” кариера во буквална смисла, пропаднати договори од милион евра, од Менхенгладбах до Коњаспорт па до Сеул Јужна Кореја, од тренирање со светски фудбалери до играње на селски терени, од седење со милијардери во ВИП ресторани до јадење сендвичи по автобуси.

Најубавите спомени остануваат со фудбалерите и оние зафрканции во соблекувалната посебно за популарната фраза “петок плата” хаха… Го напуштам фудбалот со радост, зашто дадов максимум и мојот талент беше препознаен насекаде но заради други околности на кој не можев да влијаам не играв на “европско” ниво.


Немам зборови со кој можам да ја искажам благодарноста кон сопругата, татко ми, мајка ми и брат ми, моето семејство кое секогаш беше тука со мене во оваа авантура наречена фудбал.

И за крај бескрајно сум му благодарен на Господ Исус, тој е единствено заслужен за она кое што е денес Иван“, изјави Настевски за Спортска Мрежа.

Со оваа изјава, Иван Настевски и официјално ја затвора страницата наречена професионален фудбал – страница полна со екстреми, подеми и падови, соништа и разочарувања.

  • „Македонскиот Меси“ – талент што го сакаше Европа

Пред околу 15 години, името на Иван Настевски беше на насловните страници на македонските медиуми. Скаутиран од Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах, на листи со најголеми европски таленти заедно со имиња како Геце, Јанузај и Шакири, Настевски важеше за чудо од дете кое можеше да направи голема европска кариера.

Постоеле и конкретни официјални понуди – од Сеул во Јужна Кореја и од турски Коњаспор – но фудбалската судбина тргна по поинаков пат. Наместо „Бернабеу“ и големата европска сцена, Настевски остана во македонскиот фудбал, каде остави силен и препознатлив белег.

  • Кариера исполнета со клубови, голови и почит

Во Македонија настапуваше за Македонија ЃП, Вардар, Работнички, Тетекс, Еуромилк ГЛ, Кит Го од Пехчево, Брегалница, Гостивар, Охрид, Детонит Плачковица и последно Слога Виница. Надвор од државата играше во Грција (Серес, Агротикос Астерас, Олимпијакос Волу), како и во српски Нови Пазар.

Популарниот македонски Меси во сезона 2008/2009 беше шампин на Македонија со екипата на Македонија Ѓорче Петров.


Ќе остане запаметен како фудбалер со мајсторски слободни удари, чувство за гол и харизма на теренот, но и како човек кој каде и да играше оставаше позитивен впечаток и огромна почит кај соиграчите, тренерите и навивачите.

ФОТО: Спортска Мрежа | Забрането преземање без претходна писмена согласност!

Посебно место во неговата кариера има радовишки Детонит Плачковица, каде беше капитен и „десетка“ на златната генерација која испиша историја – трето место во Втора лига и историски бараж за Прва лига против Вардар. Иако баражот беше загубен, таа генерација засекогаш ќе остане запаметена во Радовиш, а Настевски како нејзин симбол и лидер.

  • Ново поглавје – успешен бизнис надвор од фудбалот

По завршувањето на фудбалската кариера, Иван Настевски не застанува. Напротив, успешно продолжува во деловниот свет, каде има сопствен бизнис со транспорт и логистика, преку кој вработува над 70 луѓе, покажувајќи дека и надвор од теренот знае да биде лидер.


Фудбалот го испрати со искрени зборови, без глумење и без маски. Таков каков што беше и на теренот.

Наскоро најавуваме ексклузивна емисија на Спортска Мрежа со Иван Настевски – Меси, за кариерата, успесите, падовите, за сите животни предизвици..

Збогум, Меси.
Македонскиот фудбал ќе те памети.


Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Поврзани написи
Трета лигаФудбал

Еден натпревар од Втора лига ќе се одигра утре

Денес со седум натпревари се отвара 25. коло на Втората македонска фудбалска...

Трета лигаФудбал

Крстевски ќе им суди на Демир Хисар и Света Троица, Лаброски на Влазними и Кораб

Делегирани судиите за четирите натпревари од 14. коло на Третата македонска фудбалска...

ФудбалФутсал

Четири гола на Осман Мустафа: Голема победа на Јувентус Серава над Форца

Јувентус Серава вечерва славеше голема победа над ланскиот шампион Форца со резултат...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!