Португалската ракометна репрезентација, позната под прекарот „Хероите од морето“, со големи амбиции и високо крената самодоверба доаѓа на Европското првенство 2026, каде што ќе биде директен ривал на Македонија во групната фаза. По историското 4. место на Светското првенство 2025, Португалија веќе не е аутсајдер, туку селекција со јасен идентитет, стабилен систем и сериозна широчина во ростерот.
- Подготовки без застој: физика, тактика и континуитет
Португалците ја завршија клучната фаза од подготовките во Рио Мајор, каде што работеа со 18 ракометари, фокусирајќи се на физичка подготвеност и усовршување на тактичките процеси. Подготовките продолжуваат преку Меѓународниот турнир во Шпанија, кој за нив е последен сериозен тест пред патувањето за Данска и настапот во Хернинг – градот кој ќе биде базата на групата Б.
Селекторот Пауло Переира во изјава за сајтот на ракометната федерација на Португалија јасно става до знаење дека, и покрај одредени ситни проблеми, подготовките се движат во посакуван правец.
„Генерално, подготовките беа позитивни, но истовремено секогаш има и одредени непредвидени ситуации на кои мораме да се адаптираме и да коригираме дел од планот, како што беше случајот со еден играч кој отсуствуваше поради краткотрајна болест. Но, тоа е дел од процесот. Од трите тренинзи што ги имавме, успеавме да вметнеме и некои офанзивни детали, но нашиот модел на игра повторно ќе се темели на она што го правиме најдобро. Има уште некои работи што можеме да ги подобриме и многу сум задоволен од сè што се случи досега.“
- Контролни мечеви и важни тестови
Како дел од подготовките, Португалија одигра два затворени контролни натпревари против Бахреин, кои, според селекторот, дале јасна слика за моменталната состојба на тимот:
„Натпреварите со Бахреин беа исклучително позитивни. Репрезентацијата на Бахреин не е сосема иста како последниот пат кога игравме против нив во 2021 година – им недостасува еден важен играч, исто како и нам – но нашата изведба беше повеќе од позитивна. Секогаш се работи за екипа која е тешка во дуелите, што бараше од нас да бидеме добри во помошта и ни овозможи да согледаме што треба да подобриме на дефанзивен план.“
- Подмладување без губење на идентитетот
Еден од клучните елементи кај Португалија е контролираното подмладување. Во составот има шест нови имиња кои за првпат може да настапат на едно сениорско Европско првенство, но јадрото на тимот останува исто.

Переира објаснува дека промените се дел од природниот циклус.
„Имаше промени оваа година, имаше и минатата, имаше и во 2017, 2018… Секогаш има промени. Нормално е некои играчи да го завршуваат својот циклус на соработка со репрезентацијата, а убаво е да се види како младите постепено влегуваат. Тоа е природен тек.“
Во исто време, селекторот истакна дека има поширока база од 35 играчи кои се подготвени да влезат во комбинација доколку се појави потреба.
„Испратив пораки до некои играчи да бидат подготвени и Педро Портела беше еден од нив.“
Со сонот да дебитираат на завршница од големо натпреварување се Жозе Луиш Фереира, Габриел Кавалканти, Диого Валерио, Мигел Невеш, Педро Тонишер и Филипе Монтеиро.
Со возраст меѓу 20 и 26 години, овие ракометари, иако со различни искуства во своите кариери, имаат една заедничка цел – амбицијата за првпат да зачекорат на сцената на едно големо натпреварување, уште во јануари во Хернинг.
Жозе Луиш Фереира, најмладиот меѓу шестемина, го одигра својот прв натпревар за „Хероите од морето“ токму против Романија, а на своето второ појавување го постигна и првиот погодок – два гола против Израел. Младиот десен крилен играч на Порто сака на најдобар можен начин да одговори на довербата од Пауло Переира:
„Неопислива чест е да бидам меѓу соиграчите кои го освоија четвртото место на Светското првенство. Ќе дадам сè од себе за да продолжам со мојата работа и да продолжам да бидам повикуван. Ова е фантастична група и ме прифатија навистина одлично. Се чувствувам самоуверено и многу среќен што ќе дебитирам на Европско првенство, ќе дадам сè од себе за да ја покажам мојата вредност. Ова е мојот живот и секогаш ќе го давам моето максимум за да ги оправдам очекувањата.“
Габриел Кавалканти и Филипе Монтеиро, двајцата на 21-годишна возраст, неодамна – заедно со Жозе Луиш Фереира – го освоија сребрениот медал на последното Светско првенство за играчи до 21 година. Левиот бек на Бенфика веќе има 15 гола на 6 натпревари за португалската репрезентација, додека средниот бек на Спортинг Лисабон има 5 гола на две интернационални појавувања.
22-годишниот Педро Тонишер, голманот на Сиудад Енкантада, по вторпат е дел од списокот на повикани ракометари од страна на селекторот Пауло Переира. Мигел Невеш, пак, има 25 години и досега има постигнато 11 гола на 4 натпревари за Машката А-репрезентација.
Диого Валерио се наоѓа на другиот крај од спектарот, како најискусен меѓу шестемината, со 26 години. Голманот на Олимпијакос од Грција – кој има 11 настапи за националниот тим – верува дека во Хернинг ќе може да им донесе радост на Португалците со своите одбрани:
„Се чувствувам многу среќен поради оваа можност да ја претставувам Португалија на едно големо натпреварување. Вистина е дека сè уште немам дебитирано на завршница, но се чувствувам подготвен да ѝ помогнам на Португалија да ги оствари своите цели. Ова е остварување на сон, се чувствувам многу добро што сум тука и мислам дека имаме одлична екипа. Во моментов Португалија е една од најдобрите репрезентации во светот. Знаеме дека нашиот пат не е лесен, но за мене е чест што сум тука и што можам да придонесам. Многу сум среќен.“
- Португалија под притисок – но позитивен
По успехот на Светското првенство, очекувањата драстично пораснаа. Сепак, во португалскиот табор тоа не го гледаат како товар, туку како мотив. На Европското првенство во 2024 година Португалија заврши на одличното седмо место, што е потврда за нивниот прогрес.
„Нашите очекувања се исти, но очекувањата на другите се многу поголеми. Кај нас притисокот го води животот, но тоа е позитивен притисок. Сè додека играчите се креативни и немаат страв да згрешат, значи дека се на вистинскиот пат“, додава португалскиот селектор.

- Што значи сето ова за Македонија?
За македонската јавност и за селекцијата, Португалија претставува организиран, физички моќен и тактички зрел противник, со јасен систем и исклучително дисциплинирана игра. Не станува збор за репрезентација која зависи од еден или двајца играчи, туку за колектив што знае што сака и како да го постигне.
Натпреварот Македонија – Португалија (18 јануари, 17:00 часот) ќе биде директен судир меѓу континуитетот на Португалците и македонската борбеност – дуел што може да биде клучен за расплетот во групата Б.