Есенскиот шампион Вардар ја продолжи соработката со аргентински интернационалец Диего Кастањеда, откако двете страни имаа успешни преговори.
Кастањеда потпиша договор со Вардар со што офанзивниот играч за врска останува верен до летото 2028 година.
„ФК Вардар АД ја информира јавноста дека со успех завршија преговорите со нашиот аргентински интернационалец Диего Кастањеда. Договорено е продолжување на соработката, па е потпишан договор да игра за Вардар до летото 2028-ма година“, велат од клубот.
Кастањеда во дресот на Вардар одигра 16 натпревари, од кои 12 во Првата македонска фудбалска лига на кои постигна два гола и забележа четири асистенции, додека пак во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА настапи на четирите натпревари.
Во Вардар, Кастањеда пристигна од редовите на ОФК Петровац од Црна Гора, а претходно својата кариера 27-годишникот ја градеше во Аргентина, а имаше настапи и во Уругвај.