Ракометниот клуб Вардар и десното крило Ален Ќосевски го завршија заедничкиот пат, откако двете страни постигнаа договор за спогодбен раскин на соработката. Со тоа, Ќосевски веднаш станува слободен играч и може да ја продолжи кариерата во нова средина.
Ќосевски е вистинско дете на „црвено-црните“, кој своите ракометни чекори ги направи во младинскиот погон на Вардар, а преку екипата на Вардар Јуниор во 2019 година се избори за место во првиот тим.
Во изминатите сезони тој израсна од млад и перспективен ракометар во стабилен член на сениорскиот состав.
Во периодот поминат во Вардар, десното крило беше дел од генерации кои освојуваа трофеи на домашната сцена и го бранеа угледот на клубот на највисоко ниво. Со својот ангажман и професионален однос, Ќосевски остави позитивен впечаток и на теренот и надвор од него.
Од редовите на Вардар му се заблагодарија за придонесот во сите изминати години и му посакаа многу здравје, среќа и успех во продолжението на неговата ракометна кариера.