На синоќешната свечена церемонија, Македонскиот олимписки комитет (МОК) по петти пат ги додели престижните статуетки „Златна Олимпија“ на најуспешните жени во спортот за 2025 година. Награди беа доделени во повеќе категории – за спортистки, тренерки, судијки, спортски работнички и медиумски работнички.
Во категоријата Најуспешна тренерка за 2025 година, признанието и припадна на селекторката на женската фудбалска репрезентација до 17 години, Катерина Милеска.
Наградата за Најдобар женски национален тим ја доби фудбалската репрезентација до 17 години, која оствари историски успех со освојување на првото место во својата квалификациска група (Б лига) и обезбеди пласман во А лигата за Европското првенство.
Признанието за Спортски подвиг на годината го освои Катерина Шиповиќ, која за 24 часа истрча неверојатни 202 километри и го освои првото место на ултрамаратонот во Серес, Грција.
За Најуспешна спортска медиумска работничка беше прогласена Маја Јаневска Илиева, фоторепортерка од дневниот весник Нова Македонија.
Наградата за Најуспешна спортистка со попреченост ја доби Фатмире Бајрамовска, освојувачка на сребрен медал во крос-кантри скијање на Зимските специјални олимписки игри во Торино, Италија.
Статуетката „Златна Олимпија“ за Најдобра женска судијка ја понесе Ема Никочевиќ, првата ФИБА судијка од Македонија, која во 2025 година го одбележа своето успешно враќање на кошаркарското судење по тешка здравствена битка.
Наградата за Животно дело и беше доделена на Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка која освоила олимписки медал.
За Најуспешна спортска работничка беше избрана Гордана Николовска Кузмановска, за нејзиниот значаен придонес и беспрекорната организација на Европскиот младински олимписки фестивал и Скопскиот маратон.
Статуетката за Најнадежна млада спортистка ја доби Мери Бошкоска, по историскиот пласман со клубот Јанта Волеј Кисела Вода во третата рунда од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите, каде што беше прогласена за најдобра одбојкарка на двата натпревари против екипата на Гацко.
Ракометната федерација на Македонија ја доби наградата за унапредување на родова еднаквост, додека посебни признанија за женско лидерство и родова еднаквост им беа доделени на Цветанка Макаровски и Ирена Митровска.
За Најуспешна спортистка за 2025 година, втора година по ред, беше прогласена Милијана Релиќ, која со своите извонредни настапи во таеквондо продолжува успешно да чекори кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028. Таа освои сребрен медал на Г-1 турнирот во Криштианштад, Шведска, со што обезбеди дополнителни 7,20 олимписки поени, а медал освои и на престижниот меѓународен турнир во Инсбрук, Австрија.
Награди и признанија добија и повеќе спонзорски компании кои со години се дел од спортските настани и претставуваат силна и континуирана поддршка за развојот на спортот и афирмацијата на спортистките и спортистите.
За својот придонес беа наградени Горска вода, Комерцијална банка, Македонски Телеком и компанијата New Moments, кои преку својата поддршка значајно придонесуваат за реализација и унапредување на спортските манифестации во земјава.