СЕЕ Университи е првиот тим кој го совлада досега непоразениот Железарец, откако вечерва на домашен терен со 4:3 подобар беше тетовскиот тим на воведниот меч од осмото коло на Втората футсал лига.
Ланскиот прволигаш го доживеа првиот сезонски пораз, а домашниот тим бележи голема победа и обезбеди три големи бодови.
Во првиот дел паднаа четири гола за 2:2 пред паузата – Едис Муртезани во 9. минута го отвори резултатот, а по две минути Петре Даиловски израмни на 1:1. Следните два погодоци одново беа постигна брзо. Гезим Азизи погоди за ново водство на домаќинот, а по две минути гостинот преку Мартин Калчев погоди за 2:2 на полувреме.
Во вториот дел Азизи со втор гол одново обезбеди предност за СЕЕ Университи од 3:2, а по четири минути Даиловски со втор гол погоди за 3:3. Таман кога се мислеше дека делбата на бодовите ќе биде конечен исход, Муртезани со втор гол го шокираше гостинот за триумф од 4:3.
И покрај првиот сезонски пораз Железарец ќе остане лидер на табелата, а пак тетовскиот тим продолжува да ги напаѓа местата кои водат кон Прва лига.
Ланскиот прволигаш Црна Река однесе висока победа на домашен терен од 12:4 над Партизан Југ од Брвеница. Горан Соколов и Стојан Петковски постигнаа по три гола, двоен стрелец беше Никола Димов, а по еден гол постигнаа Димитар Чоков, Ѓорѓи Стрезовски, Лазар Мицев и Петар Ристовски.
Димитар Чоков си постигна и автогол, за гостинот од Брвеница двапати погоди Ивица Ангелевски, а еден гол постигна Марко Стојковски во 17. минута од мечот.
Колото се затвара утре со останатите три средби.