Македонскиот тренер на голмани Ален Саздов од Свети Николе запиша голем меѓународен успех, откако викендов беше дел од стручниот штаб на All Star натпреварот во рамки на најквалитетната женска младинска лига во САД – ECNL (Elite Clubs National League). Мечот се одигра во Канзас Сити и ги обедини најдобрите фудбалерки од источната и западната конференција.
Саздов беше ангажиран како тренер на голмани во двете селекции, а поканата дојде директно од лигата преку неговиот клуб Chicago Inter Soccer Club, каде што моментално работи. ECNL ја препозна неговата експертиза и професионална работа, што е особено значајно ако се знае дека лигата брои околу 130 клубови само во главната дивизија и повеќе од 300 во ECNL Regional League, распоредени во десет конференции низ целата држава.
Во текот на настанот, Саздов беше задолжен за подготовка и детална евалуација на голманките. Меѓу нив се истакна голманката Грејс од Охајо, која доби највисока оценка – 4, и беше прогласена за „Man of the Match“. Натпреварот заврши 3:3, а по изведување пенали подобри беа селекциите од Исток.
Пред овој престижен ангажман, Саздов со својот клуб учествуваше и на Select Game викендот, исто така во Канзас, каде што учествуваат сите клубови што се натпреваруваат во ECNL низ САД.
- Кариера од Македонија до американската фудбалска елита
Ален Саздов своите фудбалски почетоци ги имаше во македонските клубови Работнички, Македонија ЃП, Маџари Солидарност и Овче Поле, каде настапуваше како голман. Во тренерската кариера најпрво работеше во „New York City FC“ во талент центарот, пред да се пресели во Чикаго.
Покрај работата како тренер на голмани, Саздов е и лиценциран Strength and Conditioning тренер, а во својот клуб делува и како главен тренер, специјалист за физичка подготовка и тренер на голманите.
- Големо признание за македонскиот стручен кадар
Да се биде дел од елитен настан како All Star натпревар на ECNL, каде се селектираат најдобрите од цела Америка, претставува огромно признание. Саздов истакнува дека да се избере од толку многу клубови и стручни лица на национално ниво е голема чест и потврда дека македонските тренери имаат квалитет да бидат дел од највисоките стандарди во светскиот младински фудбал.