Тимот на Младост Богданци е на чекор од историски подвиг. По 11 кола во Првата ракометна лига, избраниците на тренерот Горан Андоновски имаат исто толку победи и во сабота ќе настапат како апсолутни фаворити на гостувањето против Преспа во Ресен.
Со нов триумф, Младост ќе испише нова страница во својата богата традиција и историја – првпат да биде есенски шампион без ниту еден пораз, нешто што само го потврдува доминантниот ракомет што го играат оваа сезона.
Искусниот стратег Горан Андоновски за Спортска Мрежа истакна дека за нив од првото коло секој меч е со императив дека мора да се победи, а со таа тежина вели дека досега одлично се справуваат.
„Во сабота не очекува последниот натпревар во оваа полусезона против екипата на Преспа Ресен. За нас со првото коло до денес секој меч е со императив дека мораме да сме победници и со таа тежина засега одлично се справуваме. Повеќе од четири месеци голем дел од денот го поминуваме во спортската сала „Млаз“, а резултатите од нашата макотрпна работа и професионален тренинг го прикажуваме на прикажаните натпревари. Во изминатите 11 кола во првенството со доминантна игра, ефикасен напад и цврста одбрана, игра со многу висок интензитет во ниту еден момент не им дозволивме на противниците да се надеваат на позитивен исход“, вели тренерот Горан Андоновски во изјава за Спортска Мрежа.
Андоновски во изјавата за Спортска Мрежа додава дека е многу среќен што со чесна, одговорна и резултатски успешна работа публиката во Богданци позитивно одговара со силна поддршка, притоа вели дека клубот на секое ниво е одлично подготвен за да може да биде дел од ракометната елита на Македонија, дополнува дека ако тоа не се случи ќе биде голема штета.
„Многу сум среќен што на нашата чесна, одговорна и резултатски успешна работа позитивно одговори публиката во Богданци и граѓаните на Југоистокот на Македонија кои ни даваат огромна поддршка. Организацијата во клубот од страна на управата и спонзорите е на високо и професионално ниво, стручниот штаб и играчите го препознаваат истото и го даваат својот максимум. Младост Богданци организациски и играчки е спремна максимално за влез во Супер лига во ракомет и голема штета ќе биде ако се случи спротивното“, ни изјави искусниот Андоновски.
Натпреварот меѓу Преспа и Младост се игра во сабота со почеток од 18 часот во Ресен.