Ракометарите на Охрид се подготвуваат за големото дерби со лидерот на табелата- екипата на Вардар, кое ќе се одигра оваа сабота во „Билјанини Извори“.
Домашниот терен, победничката серија во домашното првенство, убедливите победи во ЕХФ Купот, како и поддршката од навивачите, им даваат дополнителен мотив и самодоверба на охриѓани пред дуелот со непоразените „црвено-црни“.
Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, за Спортска Мрежа, го најави возбудливото дерби кое го очекува неговиот тим викендов. Тој најавува максимален ангажман и верба во потенцијалот на својата екипа.
„Против Вардар одиме да го дадеме максимумот. Во добра форма сме, имаме самодоверба и играме на домашен терен. Нè очекува големо дерби и тежок натпревар, но ние сме подготвени и ќе дадеме сè од себе за да ги израдуваме нашите навивачи.“ – изјави Ројевиќ за Спортска Мрежа.
Се очекува интересен, неизвесен и возбудлив дуел, каде амбициозниот Охрид ќе се обиде да ја искористи домашната предност, полната сала и позитивната форма за да му се спротивстави на лидерот Вардар.
Натпреварот е закажан за сабота, 29.11.2025, со почеток во 19:30 часот во „Билјанини Извори“.