Прилеп ја „украде“ победата во последните секунди од дуелот во Куманово, каде што Владан Кастратовиќ погоди за конечни 28-29 и донесе важни бодови за својот тим.
Иако Куманово контролираше поголем дел од средбата и влезе во последните десет минути со +3, завршницата им припадна на гостите. Прилеп успеа да се врати на 28-28, а клучната улога ја имаше и голманот Илчо Ивчески со неколку важни интервенции.
Домашните имаа тајм-аут и напад за победа на 45 секунди до крај, но загубената топка им ги урна надежите. Прилеп го искористи последниот напад и го однесе целиот плен.
Со овие бодови прилепчани се искачуваат на осмата позиција со 10 поени, додека Куманово останува во дното на табелата заедно со Струга. Во следното коло Прилеп го пречекува Бутел, а Куманово гостува кај Еурофарм Пелистер 2.