Охрид го доби дуелот од 13. коло против Струга со 29-23, во натпревар што се одигра во Охрид наместо во Струга. Охриѓани, уште од почеток ја покажаа фаворитската улога, водејќи со 3-0, додека гостинот го постигна својот прв гол дури во 7. минута.
Брзото водство на домаќините го принуди тренерот Жарко Ферукоски на тајмаут уште во 12. минута, но Охрид ја задржа супериорноста и на полувреме водеше со убедливи 18-8. Во вториот дел темпото беше намалено, но охриѓани го задржаа водството, а Струга успеа само да ја намали разликата до шест гола.
Најефикасни кај Охрид беа Стефан Петриќ и Никола Ристески со по 5 гола, додека кај Струга Ахмед Мајдпуб и Стефан Атанасовски постигнаа по 5 погодоци.
Следен предизвик за Охрид е реваншот од Купот на ЕХФ против Слога Добој во Градишка, каде патуваат со повеќе од солидна предност, со цел да обезбедат продолжување на европската сезона.