МРК Куманово влезе во нова етапа откако Аце Станковски официјално поднесе оставка од позицијата прв тренер на тимот.
По неколкуте последователни порази во првенството, стратегот реши да се повлече од кормилото, а раководството на клубот брзо реагираше и привремено ја довери работата на Љубиша Димковски.
Димковски не е непознато име за кумановската публика – минатата сезона токму тој успеа да обезбеди опстанок за екипата во најсилното ракометно друштво. Очекувањата се дека повторно ќе донесе стабилност и мотив во редовите на тимот.
Од клубот упатија благодарност до Станковски за вложениот труд и професионалноста што ја покажа во својот мандат, посакувајќи му многу успех во понатамошната кариера.
Со оваа промена, Куманово се надева дека ќе ја прекине негативната серија и ќе го најде вистинскиот ритам во продолжението од сезоната во Суперлигата.