Првиот натпревар од новата сезона во Првата кошаркарска лига донесе возбудлива пресметка во СЦ „Јане Сандански“, каде што актуелниот шампион МЗТ Скопје со многу мака го совлада дебитантот Маџари со 77-70.
Иако „аеродромци“ важат за најголем фаворит и ја започнаа одбраната на титулата, гостите од Маџари покажаа дека не случајно се најдоа во елитата. Тимот на тренерот Миодраг Тодоровиќ одигра храбро и организирано, принудувајќи го првакот на голема борба до самиот крај.
Првите 20 минути минаа во израмнета игра со многу поени, а МЗТ на одмор замина со минимална предност од 43-40. Во третиот квартал домашните успеаја да ја зголемат предноста на двапати двоцифрена (53-42 и 60-50), но Маџари не се предаде и со тројките на Димитровски и Грин повторно се врати на само -2 (64-62).
Во завршницата искуството сепак си го кажа зборот – кошаркарите на МЗТ го контролираа резултатот и не дозволија изненадување, па ја впишаа првата победа во новата сезона.
Најефикасен во редовите на победникот беше Чарли Гил со 22 поени, а одлична партија прикажа и Андоновски со 12 поени. Кај дебитантот, Артис Стејплтон блесна со 21 поен, а Грин додаде 20.
Во второто коло МЗТ повторно ќе игра пред своја публика, овој пат против Феникс 2010, додека Маџари ќе му гостува на Куманово.