Во четврток, 4 септември, на Градскиот стадион во Радовиш ќе се одигра контролен натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години против врсниците од Босна и Херцеговина.
Ова ќе биде ретка можност за радовишани да проследат репрезентативен натпревар во нивниот град. Со организацијата на вакви пријателски средби, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) покажува дека мисли и на помалите средини, овозможувајќи им на љубители на фудбалот од регионот да ја следат младата селекција на Македонија во живо.
Дополнително, ваквиот настан ќе биде голем мотив за младите фудбалери од Радовиш и околината да продолжат со напорна работа, со надеж дека еден ден ќе го облечат дресот на репрезентацијата.
Натпреварот започнува во 16:00 часот и ќе биде првиот од двата контролни дуели против БиХ. Вториот пријателски меч ќе се игра на 6 септември во Струмица, на стадионот „Благој Истатов“.
Селекторот на младата репрезентација, Ерхан Селими, за овие два пријателски натпревари ќе смета на следните фудбалери:
Голмани: Давид Илиоски (АП Брера), Онур Бешир (Тетекс), Павел Трајковски (Партизан, Србија).
Одбрана: Златко Радески (Тетекс), Абдулах Аслани (Лунгби, Данска), Горазд Ристовски (Црвена Звезда, Србија), Давид Стојаноски (Браво, Словенија), Лука Атанасовски (Детонит), Андреј Мурџески (Вардар), Назиф Цека (Шкендија), Емир Шаботиќ (Вардар).
Среден ред: Каменчо Андоновски (АП Брера), Кренар Хоти (Работнички), Марко Киш (Сесвете, Хрватска), Ариф Локи (ХБ Коге, Данска), Ненад Дамјаноски (Домжале, Словенија), Виктор Делов (АП Брера), Адмир Љатифи (Осијек, Хрватска), Аритон Мехмед (Шкупи).
Напад: Игор Ристов (АП Брера), Дитмир Хоџа (Работнички), Стефан Младеновски (Црвена Звезда, Србија), Кадри Брути (Шкупи).
Македонската репрезентација до 19 години се подготвува за квалификацискиот турнир за Елитната фаза од квалификациите за Европското првенство. Турнирот ќе се одржи од 12 до 18 ноември во Португалија, каде нашите млади фудбалери ќе се соочат со домаќинот Португалија, како и со Белгија и Естонија.
Претходно, на 9 и 12 октомври, младите „рисови“ ќе одиграат и два контролни натпревари против Црна Гора на гостински терен.