Македонскиот машки ракометен суперлигаш МРК Куманово влегува во новата натпреварувачка сезона со значајни кадровски промени во стручниот штаб и управата на клубот.
Аце Станковски е назначен за нов шеф на стручниот штаб и ќе го предводи првиот тим на Куманово во сезоната што следи. Станковски е поранешен ракометен репрезентативец на Македонија и искусен тренер кој во изминатите сезони успешно работеше со младинските категории во клубот. Управата на МРК Куманово одлучи да му укаже доверба и да го промовира во водечка улога, со јасна визија за развој и напредок на сениорскиот состав.
Паралелно со оваа промена, клубот официјално го назначи Љубиша Димковски за нов спортски директор на МРК Куманово. Димковски, кој во изминатиот период беше тренер на сениорскиот тим, останува дел од клубот во нова, но исто така клучна и стратешка функција во спортскиот сегмент.
Двајцата нови носители на одговорност се истакнати ракометни работници и поранешни играчи, чие искуство и знаење ќе бидат од огромно значење за развојот на клубот и поставување на повисоки цели во домашното ракометно првенство.
Од клубот посочуваат дека очекуваат континуитет во квалитетот, поголема стабилност и развој на играчи од младинските категории, кои ќе имаат јасен пат кон првиот тим.