Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација во четврток, со почеток од 18:00 часот, го игра првиот натпревар на домашен терен во вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2029. По успешниот старт и победата над Австрија на гостински терен, избраниците на Жозеп Марија Берокал сега ги очекува дуел со селекцијата на Кипар.
Во пресрет на овој натпревар, своите очекувања ги сподели Виктор Ефремовски, кој верува дека Македонија располага со квалитет да стигне до нов триумф и да го продолжи победничкиот почеток на оваа фаза од квалификациите. Дополнителен мотив за репрезентативците ќе биде и поддршката од домашната публика, која може да одигра важна улога во остварувањето на посакуваниот резултат.
„Добро стартувавме, победивме со Австрија на гостински терен и мислам дека ќе ја продолжиме оваа победничка серија. Сега тука е и Нено Димитријевиќ, имаме поголем играчки ростер. Против Австрија делувавме моќно и остваривме убедлива победа на гостински терен.
Ја повикувам публиката да дојде во што е можно поголем број. Тие се нашиот шести играч и можат да ни помогнат да ја продолжиме победничката серија“, вели Ефремовски.
За нашиот бек, очекувањата пред првиот домашен натпревар во овој циклус се јасни – нов триумф.
„Како што реков, мислам дека треба да ја продолжиме оваа серија на победи. Не очекувам ништо друго освен победа. Гледав малку од нивниот настап против Австрија. Сепак, стручниот штаб ќе направи дополнителен скаутинг, заедно ќе ја погледнеме видеоанализата и мислам дека ќе успееме да извојуваме победа и на овој натпревар“.
Македонија и Кипар ќе играат во четврток, со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Поддршката од трибините може да биде важен фактор во обидот нашите репрезентативци да го продолжат успешниот почеток на вториот круг од претквалификациите.