Иако имаа негатива по првите 45. минути, фудбалерите на Струга ТЛ триумфално заминуваат од гостувањето кај Брегалница во Штип. Во вториот дел лидерот на табелата ја презеде контролата на играта, почна да креира шанси, да постигне два гола, и на крајот да ги однесе бодовите во Струга. Особено вреди да се истакне израмнувачкиот погодок на Арби Воша директно од корнер.
Во првиот дел имаше неколку полушанси, а најзрелата прилика за гол ја имаше Струга ТЛ кога ја погоди стативата од голот на Јашар.
Водството на Брегалница се случи во 42. минута кога од левата страна Велков нафрли до Иван Глигоров, кој од прва го совлада Василев, погодувајќи во долниот десен агол од неговиот гол. Со предност на штипјани се замина на пауза.
На почетокот на вториот дел далеку подобар тим беше Струга ТЛ. Имаше шанса откако директно од корнер се заканија, а потоа како да не ја научија лекцијата играчите на Брегалница, па Алији од нов корнер повторно ја упати директно кон голот, овој пат ја погоди целта за израмнување во 51. минута.
Веднаш потоа шанса за пресврт преку Радески, кој се обиде да ја искористи збунетоста во одбраната на штипскиот тим по примениот гол, но неговиот обид заврши за малку крај левата статива.
Иван Глигоров имаше шанса во 74. минута, но во последен момент беше изблокиран, иако се најде во одлична ситуација. Бојку во 81. минута имаше опасен шут кој го одбрани Јашар.
Во 87. минута целосен пресврт на Струга ТЛ. По нафрлената топка од левата страна, Радески со глава го совлада Јашар и донесе водство на гостите, и триумф на крајот на натпреварот, за важни бодови во битката за врвот на табелата.