ГРК Охрид го очекува нов европски предизвик во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп, каде што за противник го има литванскиот Драгунас Клаипеда. „Гладијаторите“ ќе имаат предност на домашниот терен, бидејќи двата натпревари ќе се одиграат во салата „Билјанини Извори“, на 21 и 22 ноември. Охриѓани ја имаат фаворитската улога, но за нејзино оправдување ќе мора да го покажат својот квалитет на теренот.
Голманот на Охрид, Бојан Блажески, во разговор за „Спортска Мрежа“ ги сподели очекувањата од претстојниот двомеч, осврнувајќи се на квалитетот на противникот, клучните елементи во играта на својот тим и поддршката што ја очекува од домашната публика.
Респект за квалитетот на Драгунас
Литванскиот состав зад себе има добри резултати, а направената анализа им дала јасна слика на охриѓани за квалитетот со кој располага противникот. Блажески потенцира дека станува збор за сериозна екипа, која бара максимален пристап во двата натпревари.
„Според резултатите и анализата што ја правевме, станува збор за квалитетна екипа.“

Одбраната ќе биде еден од клучните фактори
Иако Охрид ја прифаќа фаворитската улога, голманот нагласува дека тоа не смее да донесе опуштање во играта. Според него, цврстата одбрана ќе биде особено важна, а максималниот ангажман ќе мора да биде присутен во двата дуела со литванскиот претставник.
„Најголем акцент за овој двомеч, како и секој натпревар ставаме на одбраната. Фаворити сме, но мораме да дадеме 100% на двата натпревари.“

Блажески повикува на поддршка од трибините
Домашната публика традиционално е еден од најсилните адути на охриѓани, а Блажески верува дека навивачите повторно ќе бидат дополнителна сила за тимот. Голманот упати повик до љубителите на ракометот во што поголем број да дојдат во „Билјанини Извори“ и да им дадат поддршка на „гладијаторите“.
„Нашата публика секогаш е голем адут кога играме во „Билјанини Извори“ и ја повикувам да дојде во што поголем број!“
Охрид го очекуваат два важни европски натпревари на домашен терен, во кои ќе треба да ја оправда фаворитската улога и да обезбеди пласман во следната фаза од ЕХФ Европскиот Куп. Со сериозен пристап, цврста одбрана и поддршка од трибините, „гладијаторите“ ќе ја бараат победата против Драгунас Клаипеда пред своите навивачи.
