Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ги продолжува настапите во ноемврискиот циклус од претквалификациите за Евробаскет 2029.
По одиграниот натпревар против Романија во Букурешт, следен противник на избраничките на селекторот Виктор Петровски ќе биде репрезентацијата на Естонија.
Средбата Македонија – Естонија ќе се одигра на 14 ноември (сабота), со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.
Пред домашната публика, македонските кошаркарки ќе имаат нова можност да го демонстрираат својот квалитет, мотивираност и борбен дух. Поддршката од трибините ќе биде дополнителен мотив за младата селекција во обидот да стигне до позитивен резултат.
За Ана Милованова, овој репрезентативен циклус е особено значаен. Таа во Букурешт го имаше своето деби во сениорскиот национален тим, момент што го опишува како голема чест и задоволство. Милованова верува во потенцијалот на оваа млада репрезентација и смета дека со многу желба, борбеност и тимско единство може да се постигне значителен напредок.
„Прво, благодарност до селекторот што ми даде шанса за првпат да го облечам сениорскиот дрес на Македонија. Ми претставува чест и задоволство што сум дел од овој млад тим. Натпреварот во Букурешт за нас беше еден добар старт и верувам дека од тука, со нашите најголеми адути – желбата, борбеноста и сплотеноста – ќе одиме само напред и кон подобро.
Токму тоа верувам дека ќе го покажеме и на следниот натпревар во Штип против Естонија. Со тоа сакам да ги поканам сите љубители на кошарката да дојдат и да нè поддржат во сабота навечер“, вели Милованова.
Утре со почеток од 18:00 часот во Штип ќе играат против селекцијата на Естонија.
„Ќе одиме само напред и кон подобро. Токму тоа верувам дека ќе го покажеме и на следниот натпревар во Штип против Естонија“ – најавува Ана Милованова